
Гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ), Борис Вујчиќ, во средата објави дека прогнозата на ХНБ за годинешната стапка на инфлација во Хрватска ќе се намали од 4 на 3,5 отсто и посочи дека реалниот пораст на платите годинава ќе биде помал од минатата година.
– Ќе ја намалиме прогнозата за инфлацијата во 2024 година од четири на приближно 3,5 проценти бидејќи во моментов инфлацијата се намалува побрзо отколку што е во нашите прогнози – рече Вујчиќ на маргините на конференцијата на централните банки на Медитеранот, што се одржува во Подстрана во близина на Сплит.
Осврнувајќи се на најавите за овогодинешното покачување на платите, Вујчиќ рече дека тоа треба да се толкува внимателно.
– Она што го видовме во буџетот за 2024 година, што се однесува до покачувањето на платите, треба да се толкува со претпазливост. Впрочем, ќе имаме трансфер на покачувањето на платите што се случи во 2023 година, каде што голем дел од тоа зголемување е веќе остварено, така што ќе имаме помал раст на платите од лани. Растот на платите оваа година ќе биде позитивен, но реално понизок од 2023 година – рече Вујчиќ.
Истовремено, тој додаде дека растот на платите во 2023 година бил 5,7 отсто, а годинава растот ќе биде околу 3,6 отсто и тоа, како што рече, не треба да влијае на стапката на инфлација.
Вујчиќ најави и дека прогнозата за БДП во Хрватска оваа година ќе се зголеми од првичните три проценти.
– Во следната прогноза ќе ја зголемиме прогнозата за стапката на раст на БДП, но главен ризик за реализација на таа проекција е странската побарувачка. Германија е еден од двата наши најголеми трговски партнери и секое намалување на економските активности во Германија ја погодува и Хрватска, но тоа не влијае значително на стапката на раст на БДП – рече Вујчиќ.
Што се однесува до кредитната активност во Хрватска, според Вујчиќ, таа сè уште е жива и побарувачката за кредити „не е значително помала“ од претходно, а се намалила повеќе во корпоративниот сектор отколку во секторот домаќинства.
Според него, каматните стапки во Хрватска се пониски отколку во еврозоната. Тој нагласи дека сегашниот износ на орочени депозити во банките во Хрватска е околу шест милијарди евра, а претходно изнесувал околу 26 или 27 милијарди евра.
Вујчиќ рече дека на осмата конференција на централните банки на Медитеранот се разменуваат искуства во банкарските работи. – Разговараме за вклученоста на жените на пазарот на трудот, особено во африканските земји, и за последиците од климатските промени врз финансиските системи и што прават централните банки – рече Вујчиќ.











