VW укинува 60% од конвенционалните модели во Европа

113

Volkswagen Групацијата вложува големи ресурси во електрификацијата на брендот, а тоа значи и жртвување на голем дел од конвенционалните модели

Моторите на внатрешно согорување на Volkswgen, барем на Балканот, се синоним за издржливост и квалитет. Сепак, VW Групацијата има некои други приоритети за својата иднина, а моделите кои ги користат овие конвенционални мотори не се дел од истата.

Во Европа, принудени од се построгите регулативи на Европската комисија, производителите веќе најавија дека сериозно се насочуваат кон електрификацијата. Голем број брендови најавија дека ќе станат целосно електрични до крајот на деценијава, а исклучок не е ниту Volkswagen Групацијата. Според најавите, автомобилскиот конгломерат ќе укине 60 проценти од своите модели кои користат мотори на внатрешно согорување до 2030 година, а наместо кон квантитетот, ќе се фокусира кон попрофитабилни премиум автомобили. Ова е значително отстапување од стратегиите насочени кон растот во претходните децении, кои ја направија VW Групацијата најголемиот производител на светот во 2015.

Германскиот гигант во моментов има палета со повеќе од 100 модели сметајќи ги сите брендови, а веќе започна со отфрлање на моделите со дизелски и бензински мотори во корист на електрификацијта. Сепак, новата стратегија на производителот не е целосно поради престојните забрани на моторите на внатрешно согорување во поголемите западни пазари, бидејќи значителен удел во нивната одлука има и проблемите во ланецот на снабдување што е огромен проблем за сите производители.

Фокус кон премиум сегментот

Глобалниот недостиг на микрочипови во комбинација со напливот на побарувачка за нови автомобили им овозможи на премиум брендовите да ги зголемат цените и да забележат рекордни профити минатата година и покрај намалената количина на продажба. VW сака да го следи овој пример преку Audi кој веќе најави обновен фокус кон премиум сегментите, оддалечувајќи се од мејнстрим моделите како A1 и Q2 моделите.

„Клучната цел не е растот. Ние сме повеќе фокусирани на квалитетот и на маржата, наместо на количината и уделот на пазарот“, изјави Арно Антилиц, извршниот финансиски директор на групацијата за Financial Times. Овој функционер додаде и дека VW е помалку зависен на количината и растот со оглед на тоа дека успеале да ги намалат фиксните трошоци за 10 проценти. Затоа, огромната инвестиција од 52 милијарди евра за електрични возила нема да додаде капацитет на фабриките на групацијата VW, како што се Цвикау и Емден, каде што производството е префрлено од конвенционални на електрични возила, додека ја задржува истата работна сила.

Антилиц исто така посочи дека електричните возила не се профитабилни како оние кои користат мотор на внатрешно согорување поради цената на материјалите за батерии. Сепак, тој се надева дека војната во Украина наскоро ќе заврши и со тоа ќе се намалат цените на никелот, но останува сигурен дека производствените трошоци ќе се намалат на долг план благодарение на новите батериски технологии.

Преземено од Avtoplus.mk