Vytopna – чешки ресторани каде пијалокот го носат минијатурни возови

71

restoran ceska

Во чешкиот синџир на ресторани под франшиза Vytopna, гостите ги очекува големо изненадување бидејќи тоа што ќе го порачаат до нивната маса пристигнува на необичен начин и тоа преку железница.

Станува збор за ресторан каде што мрежно се поставени пруги, низ кои се движат минијатурни модели на возови, кои го носат порачаниот пијалок до масата на гостите. Овие возови се движат и се контролираат преку посебен софтвер, што претставува единствен концепт во Европа и воопшто не е чудно што рестораните Vytopna се вистинска атракција за голем број посетители.

Во Чешка во овој момент работат пет ресторани под оваа франшиза, а првиот ресторан е отворен во 2009 година. Ресторанот во Прага е во сопственост на компанијата, додека останатите ресторани се под франшиза.

restoran ceska 1

Како што неодамна најави Петр Фридрик, креатор и сопственик на овој концепт, оваа есен во Прага се отвора уште еден ресторан.

“Навистина имаме голем број гости од странство и на сите им се допаѓа она што ќе го видат и ќе го доживеат во нашите ресторани. Многумина се подготвени овој концепт да го ’пренесат’ во својата земја, но ние во овој момент сме насочени кон развој на рускиот пазар и сме во потрага по корисници на франшиза во таа земја“, вели Фридрик, пренесува порталот Franchising.hr.

За отворање на овој ресторан во Чешка, примателите на франшизата треба да издвојат од 7.000 до 10.800 евра, како и 180.000 евра за уредување на просторот и целосно опремување на ресторанот.