Старт – ап компанијата Wheelys претстави нов модел на подвижно кафуле коешто ја користи сончевата енергија за работа, а во исто време го прочистува загадениот воздух, пишува Inhabitat.com.
Исто така, остатоците од направеното кафе ги собира во специјални коцки, коишто може да се користат за потхранување на различни видови на растенија.
Најновиот модел Wheelys 4, како и досегашните, е опремен со соларен панел и потребната опрема за подготвување на свежо органско кафе и место за чување на пијалаците и закуските. Она што е различно е тоа што во овој модел е вградена мала ветерница, којашто генерира енергија додека времето е облачно.
Едно вакво органско и подвижно кафуле може да се купи по цена од 4.499 долари, за коишто од компанијата велат дека се враќаат уште во првиот месец од работата.
Wheelys е специјализиран синџир на органски и подвижни кафулиња, којшто им помага на луѓето од целиот свет да започнат сопствен бизнис. Од почетокот на 2014 година, кога започна со работа, Wheelys функционира во над 45 земји во светот.