Wizz Air е нов спонзор на Скопскиот маратон

34

Денеска, во конференциската сала во Кабинетот на Град Скопје, свечено беше потпишан договорот за соработка помеѓу авиокомпанијата Wizz Air и Сојузот на спортови на Скопје.
Договорот за генерално покровителство на овој голем спортски настан во наредните 3 години го потпишаа главниот извршен директор на Wizz Air, Јозеф Варади и претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Ѓорѓи Кузмановски, а на чинот на потпишување присуствуваа и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на трката, Кире Синадиновски.
“Главниот спонзор на Скопски маратон, од оваа година во наредните три ќе бидат Wizz Air е нов спонзор на Скопскиот маратон и се надевам дека со нивна помош уште повеќе ќе се зголеми популарноста на оваа наша Манифестација, секаде во светот каде што оваа компанија има летови, како и дека уште повеќе туристи ќе бидат присутни за време на одржувањето на маратонот во Скопје. Сакам да ја искористам оваа прва прес-конференција поврзана со Скопскиот маратон, да ги повикам сите граѓани на 11 мај оваа година да излезат на улиците на нашиот град и да ги бодрат учесниците во Скопскиот маратон, а сите други да ги повикам доколку имаат желба да учествуваат во една од трките, да земат активно учество во подготовките и реализација на оваа наша спортска Манифестација”, истакна градоначалникот Трајановски.
Директорот на трката Синадиновски, потенцираше дека годинава 10-то издание на Скопскиот маратон ќе се одржи на 11 мај 2014 година и се очекува годинава да има уште поголем број учесници од сите меридијани на светот.
“Ми претставува особена чест што од годинава, па во наредните две, нашата компанија ќе биде генерален покровител на Скопскиот маратон и овие три години манифестацијата ќе го носи името WIZZ AIR Скопски маратон. Инаку, станува збор за една од најголемите авио-компании која нуди најниски цени на пазарот во Централна и Источна Европа. Wizz Air во Македонија, во моментов има само едно летало, но вашата земја за нас значи дом и база за летовите од целата централна и источна Европа. Нашата компанија поседува 45 авиони од типот А320 еиркрафт и на нашите патници кои ја надминуваат бројката од 13,5 милиони во 2013 година, им нуди 300 рути од 19 бази, коишто поврзуваат 96 дестинации низ 35 земји во светот, а во компанијата работат над 1.700 вработени, со еден збор нашата компанија нуди супериорен сервис и најниски цени на пазарот”, потенцираше Варади.
Како што рече претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Кузмановски, како еден од организаторите на Скопскиот маратон што е под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европската Унија и Агенција за млади и спорт, оваа спортска Манифестација е една од многуте што го сместува нашиот град во светската мапа на спортски градови, како што се шаховската олимпијада, многу светски и европски шампионати и првенства во разни спортски дисциплини.
Маратонската патека во Скопје е една од најрамните во светот, а традиционално ќе бидат одржани 5 трки: маратон; полумаратон; 5 км хуманитарна трка; детски мини маратон и team building трка. Првото издание на Скопскиот маратон, беше одржано на 23 –ти март 1997 година на којшто учествуваа 104 маратонци од 6 земји.