WWF: Нерационалното производство и отпадот од храна ја уништуваат планетата

Светската организација за заштита на природата (WWF) денеска по повод Денот на планетата Земја соопшти дека, според најновиот Извештај за состојбата на планетата, постојниот систем за производство на храна користи околу 40 отсто од површината погодна за живот на планетата и дека нерационалното производство и отпадот од храна ја уништуваат планетата.

Денот на планетата Земја оваа година се слави во светло на еден од најважните христијански празници, Велигден. Бидејќи празниците често ги поврзуваме со често претерано уживање во храната, светската организација за заштита на природата WWF предупредува дека еден од начините за зачувување на здравјето на сите нас, но и на Земјата е рационалното производство и консумирање, како и спречување на фрлање храна“, се наведува во соопштението.

Според најновиот Извештај за состојбата на планетата на WWF, сегашниот систем за производство на храна користи околу 40 проценти од површината погодна за живот на планетата, е најголемата причина за губење на природното живеалиште за илјадници растителни и животински видови и емитира повеќе од една четвртина од вкупната количина на јаглерод диоксид во воздухот и користи околу 70 проценти од достапната вода.