Xiaomi со скок во приходите на крајот на 2023 година

74

Кинескиот Xiaomi објави пораст на приходите од 10,9 отсто во четвртиот квартал од минатата година, надминувајќи ги проценките на нето добивката, поттикната од силната продажба на паметни телефони, која покажува знаци на закрепнување.

Приходите се зголемија за 73,24 милијарди јуани (10,17 милијарди долари) во последниот квартал од минатата година. Вкупната испорака на паметни телефони во втората половина на 2023 година била подобра од првата, соопшти компанијата Xiaomi, истакнувајќи дека глобалниот пазар на електроника за широка потрошувачка продолжува да покажува тренд на постепено закрепнување, пренесува Ројтерс.

Прилагодената нето добивка на компанијата се зголеми за 236,1 отсто на 4,9 милијарди јуани, додека аналитичарите очекуваа 3,89 милијарди јуани. Глобалната испорака на паметни телефони на Xiaomi во четвртиот квартал се зголеми за 23 отсто на годишно ниво, на 40,7 милиони телефони. Xiaomi е трет во светот со пазарен удел од 13 проценти.

Во Кина, најголемиот пазар на компанијата, испораките на Xiaomi се зголемија за 12 отсто на 9,5 милиони телефони, ставајќи ја на петтото место, исто така со пазарен удел од 13 отсто. Xiaomi доби поттик по лансирањето на серијата Mi 14, која продаде над милион единици во првата недела од продажбата во октомври.

Поради сè позаситениот пазар на телефони, Xiaomi го диверзифицираше својот бизнис. Xiaomi, кој е познат и по домашните апарати во Кина, започна и со производство на електрични возила. Компанијата треба да ги започне првите испораки на своите возила овој месец преку 59 кинески салони во 29 градови.