За 15,8% зголемен извозот на македонски производи на рускиот пазар во 2020 година

38

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, како ко-претседател на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, во рамки на официјалната посета на Економскиот форум во Санкт Петербург, Русија одржа работна средба со заменик-министерот за земјоделство на Русија, Сергеј Левин.

На средбата Николовски и Левин, ја потврдија досегашната успешна трговска размена. Oбемот на трговијата меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во 2020 година изнесуваше 190,3 милиони американски долари, што е повеќе за 6,2% во споредба со 2019 година. Во исто време, извозот на Република Северна Македонија во 2020 година достигна 60,4 милиони американски долари, што е пораст за 15,8%. Во првите три месеци од 2021 година, извозот на македонските производи изнесува 17,4 милиони американски долари, што е пораст од 66,7%, а увозот изнесува 33,5 милиони американски долари што е намалување од 37,1% во споредба со истиот период од 2020.

“Она што е значајно е зголемувањето на извозот на македонските земјоделски производи во 2020 година во споредба со 2019 година. Имаме раст од 11% на извозот на земјоделските производи и вкупен раст на извозот на македонски производи од 15,8% и тоа е во време светска пандемија. Тоа е доказ дека треба да ги интензивираме нашите економски соработки и да го искористиме целокупниот простор којшто ни стои на располагање. Договоривме бизнис мисија на клучните руски компании во делот на земјоделството, коишто ќе дојдат во Северна Македонија годинава и ќе ги вмрежиме со македонските компании, со цел зголемување на трговската размена”, изјави вицепремиерот Николовски.

Воедно, вицепремиерот Николовски во текот на присуството во Санкт Петербург, имаше средба и со ко-претседателот од руската страна на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, Алексеј Груздев. На средбата се разговараше за инвестиции во различни сектори, како во откупно-преработувачки центри, како за потенцијални инвестиции на руските компании во делот на обновливи извори на енергија и во делот на енергетиката.

“Разговаравме и за инвестиции во делот на инфраструктурата, продлабочување на соработката во областа на културата, образованието и туризмот. Продолжуваме со заеднички напори, да ја зголемиме оваа соработка и да постигнеме резултати коишто ќе бидат видливи за граѓаните на овие две земји“, изјави вицепремиерот Николовски.

Инаку, вицепремиерот Николовски, ја предводеше владината делегација на официјалната посета на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Русија. Во состав на делегацијата од Северна Македонија учествува и извршениот директор на македонско-руската Стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Економскиот форум во Санкт Петербург е водечка глобална платформа за членовите на деловната заедница да се состанат и да разговараат за клучните економски прашања со кои се соочува Русија, пазарите во развој и целиот свет. Деловната програма на годинешниот Меѓународен економски форум, се фокусираше на глобалните и руските економии, социјалните теми и технолошкиот развој.

На маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, вицепремиерот Николовски, оствари средба со министерот за економија на Република Словенија, Здравко Почивалсек, на којашто беа потврдени заедничките заложби за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји.