По 2019 година кога глобалната економија оствари најскромен раст уште од големата светска финансиска криза 2008 – 2009 година, повеќето меѓународни организации и економисти очекуваат трендот на стагнација да продолжи и во 2020 година.
Како отежнувачка околност се наведува, пред сè Брегзит, чиишто економски последици за ЕУ и Велика Британија, но и по глобалната економија може само да се предвидат.
Останува неизвесно и дали САД и Кина сепак ќе постигнат “примирје“ во нивната трговска војна, којашто остави многу негативни последици на глобалната трговија во 2019 година.
Прашањето е дали економските санкции, како модел на политички притисок, помалку ќе се користат во меѓународните односи, бидејќи е очигледно дека нанесува штета на сите страни.
Проценките на Европската централна банка говорат дека бруто домашниот производ на земјите во еврозоната може да порасне само 1,1% во 2020 година, што е помалку и од скромните 1,2% во 2019 година, а многу подалеку од 2,4% во 2017 година.
Некои од економистите кои ги анкетира Financial Times, сметаат дека растот во еврозоната би можел да биде помал од еден процент. Посебно загрижуваат тенденциите на забавување на економскиот раст во некои од економски најмоќните земји во ЕУ, како Германија и Италија.
Постојат мали надежи дека дури и некои значајни економии, како Венецуела, Аргентина и Иран, можат брзо да закрепнат, некои и поради санкциите што ги притискаат.
Не може многу да се очекува ниту од руската економија, освен евентуално скромно закрепнување, поради сè уште важечките американски и европски санкции. Има и економисти кои најавуваат нова глобална финансиска криза како онаа во 2008 година, но повеќето сметаат дека стагнацијата на светската економија е реалност, а нова глобална финансиска криза е помалку веројатна, пренесува Данас.
Фото: Pexels