За берење печурки во БиХ заработка до 150 евра дневно

504

berba na pecurki

Дождовите што го зафатија регионот предизвикаа сериозни последици, но за одредени работи донесе и позитивни ефекти. Компаниите што се занимаваат со откуп на печурки во Босна и Херцеговина забележуваат огромен приход.

“Досега немавме ваков род на печурки. Времето оваа година влијаеше шумите низ БиХ да бидат преполни со печурки, вргањ и лисичарки“, вели Мирза Ѓогиќ од претпријатието Шумски плод од градот Прозор, пишува Ослобоѓење.

За голем број луѓе од руралните подрачја во БиХ, посебно во централниот дел на земјата, ова значи добра прилика за заработка. Едно просечно семејство, во зависност од тоа колку членови се вклучени во собирањето печурки, дневно може да заработи од 30 до 150 евра, па во текот на летото можат да заработат солидна сума на пари.

“Нашата компанија досега откупи околу 150 тони најразлични видови на печурки, а цените се менуваат на дневна база во зависност од квалитетот на печурките“, велат од откупната компанија Хеко, каде истакнуваат дека овогодишната откупна количина е доказ дека берењето печурки е исплатлива работа.

Печурките најчесто се пласираат на странските пазари, бидејќи на босанскиот пазар нема голем интерес.

“На нашиот пазар воопшто не можеме да ги продадеме печурките, но затоа постои интерес во Хрватска, Австрија, Германија и Италија. Купувачите ги бараат нашите печурки поради високиот квалитет“, истакна Ѓогиќ.