За да успееш во бизнисот, потребно е да преземаш големи ризици

151
3a
Васко Темелкоски, сопственик на Еуромак Контрол

Васко Темелкоски е менаџер/сопственик на Еуромак Контрол, консалтинг компанија која оваа година слави 15 години од своето постоење. Еуромак Контрол е водечка консултантска фирма во Македонија, која е сертифицирана со стандардите за квалитет, а истовремено е и акредитирано инспекциско тело и лабораторија од страна на Институтот за Акредитација на Република Македонија за контрола на квалитет и квантитет на стоки. Темелкоски вели дека успешноста на компанијата се гради со долгорочните пријателски врски со клиентите, фер играта, како и високите морални и професионални одлики.

БИ: Која е основната дејност на Еуромак Контрол?

Еуромак Контрол постои од 1999 година, односно оваа година имаме еден убав јубилеј од 15 години постење. На самиот почеток нашата основна дејност беше техничко испитување и контрола на квалитет на најразлични производи од текстил, прехранбени производи, па се до нафта. Потоа се проширивме и почнавме и со консултантски услуги применувајќи ги стандардите како  ISO 9001, 14001, 18001 и многу други стандарди за безбедни производи, обуки на фирмите, нивна реорганизација, применување на Законот за заштита при работа и слично. Последниве седум години се занимаваме и со екологијата, изработуваме еколошки елаборати, оценки за влијанието на животната средина, интегрирани еколошки дозволи, мерење на загадувањето на водата, воздухот итн… Имаме и своја акредитирана лабораторија во која ги извршуваме потребните испитувања и која постојано ја надоградуваме со потребните нови технологии. Исто така, во последните 4 години, интензивно работиме и на консултантски услуги за Законот за заштита при работа, како обуки на вработените, проценки за ризик, испитување на микроклиматските услови за работа. Во моментов Еуромак Контрол има 13 вработени, кои по потреба ги дообразуваме за потребната работа да ја извршуваат со највисок квалитет.

БИ: Го споменавте Законот за заштита при работа. Колку македонските компании го почитуваат овој закон и колку тој е вклучен во нивните секојдневни активности?

Според нашето искуство, големите компании се оние во кои задолжително се почитува овој закон. За нив, овој закон не е ништо ново, бидејќи тие отсекогаш имале некој облик на заштита при работа. Наидовме на проблем кај помалите компании, кои законот го сметаа за дополнително финансиско оптеретување. Наше беше да им објасниме дека при применувањето на законот и внесувањето на потребните мерки на заштита при работа тие се штитат самите себе од несакани дејствија кои можат да настанат во иднина. Во законот се точно предвидени обврските како на компаниите, така и на вработените.

2a

БИ: Дали имате некоја конкретна бројка за тоа со колку фирми имате досега работено за Законот за заштита при работа и дали Македонија располага со доволен стручен кадар од оваа област?

За безбедност при работа имаме работено со повеќе од 200 фирми и голем број од нив се големи и средни претпријатија кои сакаат да инвестираат во оваа област, односно да инвестираат во квалитетни услуги. За оние компании кои немаат свои тимови, ние им нудиме шест стручни лица од нашиот тим кои вршат мониторинг на нивната работа. Во моментов оваа професија е дефицитарна во Македонија, имаме кадар кој знае теорија, но не и пракса. За дообука на овие лица се потребни од две до четири години.

БИ: Неколкупати годишно се случува Скопје да потоне во длабока магла и воздухот да биде загаден повеќе од дозволеното. Бидејќи работите и на оваа тематика, не интересира Вашето професионално мислење за тоа што е потребно да се преземе за да се спречи оваа појава?

Скопје е котлински град во експанзија. Загадувањето е од повеќе аспекти, едно е што самиот град е во котлина, а друго е што во денешно време има премногу возила во центарот, а за време на грејната сезона жителите се уште се грејат на дрва, нафта, отпадни гуми. За да се спречи загадувањето, според моето искуство, е потребно да се намали бројот на возилата кои сообраќаат низ центарот на градот. Тоа може да се направи со изградба на обиколници или познати како ring roads. Градот треба да биде добро покриен со јавен сообраќај, со што на жителите од надворешноста нема да им се дозволува влез со возило. Потребно е до обиколниците да се изградат паркинзи, каде ќе можат да се оставаат автомобилите и со тоа ќе се спречи влегувањето во градот со возило. Исто така, гасификацијата ќе помогне многу за прочистување на воздухот во Скопје. Со реализацијата на овој проект, значително ќе се намали загадувањето. Но, конкретно за Скопје, наидуваме и на проблемот фабрики во централното градско подрачје. Секако, овие објекти кога се граделе биле на периферијата на градот, но со самото негово растење станале центар на градот. Потребно е секоја фабрика да ги поседува потребните филтри за воздух и филтри за прочистување на отпадни води. Оваа инвестиција е скапа, но на фабриките им се даде доволно време, да ги обезбедат потребните филтри за работа. Сметам дека со преземањето на овие мерки, значително ќе се подобри квалитетот на воздухот.

БИ: Кој е клучот на успехот на Еуромак Контрол? Што ве прави посебни на македонскиот пазар?

Една од главните наши карактеристики е тоа што ние со нашите клиенти градиме долготрајна пријателска врска, која се заснова на доверба. Но, за да дојдеме до моментот на доверба, мораме да им покажеме на нашите клиенти дека сме сериозни и професионални во она што го работиме. Нашите работни задачи ги исполнуваме во реални рокови и тие се секогаш квалитетно извршени. Тоа не прави успешни.

БИ: Како ја оценувате состојбата на македонскиот бизнис?

logoМакедонскиот бизнис е во иста состојба како и насекаде во светот. Економската криза ги погоди сите земји. Во Македонија се бараат поевтини услуги, кои се квалитетни. Истото е и со производите. Проблемот на нашиот бизнис е што тој не се нуди надвор од границите на државата и во тој поглед имаме лимитиран пазар. За да се подобри оваа ситуација потребно е поголемите компании да излезат на европските и светските пазари и да ги повлечат со себе и малите фирми, кои реално не се финансиски моќни за да го издржат тоа темпо. Во Македонија проблемот е што се уште се оди на стабилен извор на приходи и не се преземаат ризици. Македонските фирми мора да бидат покреативни, потребно е да земаат странски консултанти кои ќе ги насочат на пат кој ќе ги направи поконкурентни на пазарот. Македонскиот народ е паметен и вреден, тоа ни се има покажано многу пати, но му недостига одлучност.

БИ: Што би ги советувале оние кои се колебаат дали да започнат сопствен бизнис?

Би ги советувал тоа да го направат веднаш. Својата идеја да ја претворат во реалност. Да бидат одлучни. Како што веќе реков, ние сме паметен и вреден народ, на кој единствено му недостига одлучност. Одлуките мора да се брзи и ефикасни, бидејќи без ризик нема добивка. Мора да се преземаат ризици. Понекогаш тие се исплатат, но понекогаш не. Но, не треба при секој пад, личноста да се разочарува. Потребно е да остане длабоко мотивирана и упорна. За да се биде успешен, потребно е и да се дружиш со успешни и амбициозни луѓе, бидејќи само на тој начин се оди напред.