За два дена избришани над 5 трилиони долари од Волстрит

Експертите предвидуваат дека има 60 отсто шанси светската економија да влезе во рецесија до крајот на годината.

На Волстрит, индексот S&P 500 во петокот, втор ден по ред остро падна и во тие два дена загуби повеќе од 10 отсто, со што се избришаа над 5 трилиони долари од пазарната вредност на компаниите и банките. Индексот Dow Jones потона во петокот за 5,5 отсто, на 38.314 поени, S&P 500 речиси 6 отсто, на 5.074 поени, а индексот Nasdaq за 5,8 отсто, на 15.587 поени.

Откако американскиот претседател Доналд Трамп објави драстични царини за увоз во средата навечер, најголемата светска берза е под голем притисок. За два дена Dow Jones потона за 9,3 отсто, додека S&P 500 загуби 10,5 отсто, а Nasdaq индексот за 11,4 отсто.

Тоа е најголем дводневен пад на тие индекси од 2020 година, кога на пазарите владееше паника поради пандемијата на коронавирус.

Волстрит драстично падна во четвртокот, откако Трамп објави царини од 10 отсто за целиот американски увоз, како и дополнителни реципрочни царини за многу земји со кои САД имаат трговски дефицит. Никој не очекуваше вакви драстични мерки, па на тој ден сите најголеми светски берзи – од Азија, преку Европа, до САД – нагло паднаа.

Кина возврати

Во петокот притисокот на берзите дополнително се зголеми откако Кина најави контрамерки – царини од 34 отсто на целиот увоз од САД, колку што Трамп постави царини за кинеските стоки.

Така, Пекинг внимателно ги следи потезите на Вашингтон. Трамп претходно воведе царини од 20 отсто за кинески стоки, а Кина веднаш одговори со истата мерка.

Ескалацијата на трговската војна меѓу двете најголеми светски економии, стравуваат инвеститорите, може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.

Аналитичарите на банката JP Morgan проценуваат дека има 60 отсто шанси светската економија да влезе во рецесија до крајот на годината.

ФЕД чека да се развие ситуацијата

Инвеститорите се надеваа дека претседателот на американската централна банка Џером Пауел може да ги смири пазарите со најава за намалување на каматните стапки – особено пред Трамп да ја повика ФЕД да ги намали.

Сепак, Пауел ги игнорираше повиците на Трамп и рече дека централната банка ќе почека додека влијанието на потезите на Трамп врз економијата не биде појасно.

Фото: Pixabay