За една недела инспекторите направија над 4.800 контроли и затворија два угостителски објекти

26

На денешната редовна прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска- Грашкоска, ги презентираше податоците од спроведените контроли на инспекциските служби во периодот од деветти до 15 ноември.

Во овој период Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спроведоа вкупно 4.822 контроли, од кои 1.754 се надзори.

Притоа, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период изврши 80 надзори, врз основа на кои изрече шест решенија. Притоа, овој инспекторат којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 13.676 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 3.068 контроли и 619 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето и др. При контролите на ДПИ, е констатирано дека два угостителски објекти ги прекршиле здравствените протоколи, при што на истите на лице место им е изречена мерка за привремено затворање на објектите.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите седум дена изврши 550 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствените протоколи во делот на одржување на дозволено растојание, станици за хигиена, дезинфекција и друго. Притоа, Инспекторатот изрече 24 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи и издаде осум прекршочни платни налози поради констатирано прекршување на Законот за заштита  на населението од заразни болести, конкретно поради неносење заштитни маски на работно место.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 26 надзори во аптеки во целата држава. Надзорите се извршени по основ почитување на мерките на Владата односно за  формирани цени на заштитни средства од корона вирус и издавање на антибиотици. Притоа, издадена е една опомена за погрешно означување на надворешното пакување на заштитни маски.

Агенцијата за храна и ветеринарство изврши 399 надзори, при што издадени се 12 решенија и 19 едукации, по основ на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистриран објект и небезбеден производ.

“Периодот кој следи, е особено важен за сите нас. Влегуваме во веројатно најтешкиот период од справување со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, и затоа најважно од се е сите заеднички да придонесеме во намалување на ширењето на овој вирус. Тоа ќе го постигнеме само преку почитување на мерките и протоколите, и од страна од граѓаните и од страна на стопанствениците. Инспекциските служби, ќе продолжат да работат со полн капацитет и во следниот период, како главен контролен механизам на почитувањето на здравствените протоколи и материјалните закони. Затоа би сакала да апелирам до сите правни субјекти и граѓани да ги почитуваат владините мерки и препораки во насока на превенирање и заштита од ширењето на коронавирусот КОВИД-19. На овој начин ќе им помогнеме на инспекторите, на здравствените работници, на полицијата, армијата и на сите кои учествуваат во борбата против оваа пандемија, заеднички да ја надминеме оваа здравствена криза“, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Фото: Freepik