Зеленото сценарио во ажурираната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е најоптимално за развојот на земјата, а за енергетската транзиција предвидена во него неопходни се инвестиции од 800 до 900 милиони евра на годишно ниво до 2040 година, е главниот заклучок од денешната конференција Визија за енергетска транзиција 2040 на Проектот Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката, финансиран од Британската амбасада Скопје преку Фондот за добро управување (GGF), пренесува МИА.
Целта на проектот е да се даде поддршка на Владата во ревизија на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и изработка на Програма за имплементација на Стратегијата во наредниот петгодишен период.
Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј посочи дека меѓународните донатори ќе продолжат со поддршката за имплементација на стратегијата за енергетската транзиција и за реформите во државата.
“Предизвиците во однос на климатските промени сè уште стојат пред нас, а зеленото сценарио е тоа кое ќе овозможи позелена и поодржлива иднина за земјата кон можностите за искористување на хидро, соларната и енергијата на ветерот, но воедно овозможува и инвестиции во обновливите извори на енергија (ОИЕ). Токму со инвестирање во ОИЕ до 2030 година ќе се отворат многу поголем број на работни места“, рече Галовеј.
Виктор Андонов, советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот, посочи дека носењето на новиот Закон за енергетика овозможило поголеми вложувања во енергетиката и енергетската ефикасност со промената на моделот на поддршка од фидинг во премиум тарифи. Тоа, како што рече, овозможи веќе да се во фаза на реализација фотоволтаични електрани со инсталирана моќ од на 60 мегавати на државно и приватно земјиште од кои две се веќе во функција. Како клучен енергетски проект за зголемени инвестиции во ОИЕ го посочи проектот за изградба на хидроелектраната Чебрен по пат на јавно-приватно партнерство кој, како што рече ќе има суштинска улога за балансирањето и одржувањето на стабилноста на системот.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски посочи дека компанијата планира до 2024 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола и наместо него да се изгради когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати, додека другите два блока да се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година и со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди. Воедно потсети дека се планира целосно затворање на ТЕЦ Осломеј и изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати, како и претворање на ТЕЦ Неготино во гасна електрана и зголемување на моќта на ветерниот парк Богданци. Соларни електрани, додаде, ќе се прават во близина на сите наши постоечки објекти.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски истакна дека суштината на енергетската транзиција е производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од ОИЕ.
“Неопходно е чекор по чекор да се оди со енергетската транзиција. Ние сите целиме кон реализација на зелено сценарио, односно производство на електрична енергија од сонце, вода и ветер, но мора тоа да биде постепено. Во моментов струјата од обновливи извори чини 105 евра за мегават час, додека цената на ЕСМ кон Универзалниот снабдувач е 38,8 евра. Притоа од ОИЕ во нашата земја не може да се произведе базната енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Обновливите извори се добри и пожелни, но не може енергетскиот систем да се води исклучиво на таквите извори“, рече Бислимоски.
Во однос на либерализацијата на пазарот на електрична енергија посочи дека цената што ја нуди Универзалниот снабдувач останува најповолна за домаќинствата затоа што е за 25% пониска од онаа што се нуди на слободниот пазар и токму тоа, како што рече, е причината што само околу 100 домаќинства се излезени на слободниот пазар.
“Придобивките од либерализираниот пазар на електрична енергија доведоа до 30% пониски сметки за малите производствени капацитети, и малите и микро претпријатија. Домаќинствата се уште имаат најповолна цена обезбедена од универзалниот снабдувач, за разлика од цената што се нуди на слободниот пазар која е 25% повисока од регулираната цена. Минатата година дури 15% од потрошувачите го промениле својот снабдувач што укажува на зголемена конкурентност на пазарот на електрична енергија во кој има девет активни снабдувачи што е на исто ниво со Австрија, Финска и Данска“, рече Бислимоски.
Директорот на НЕР, Бајрам Реџепи посочи дека наскоро во земјава ќе има вкупно 372 километри гасовод од преносната мрежа во државата.
“Во моментов имаме три делници кои се во градба. Делницата од Клечовце до Неготино во должина од 96 километри е 100 проценти завршена, делницата од Неготино до Битола од 92 километри е реализирана 94 проценти, а од Скопје до Тетово и Гостивар се реализирани 75проценти. До крајот на годинава планираме да имаме изградено 274 километри гасовод а доколку го додадеме делот од Крива Паланка до Скопје во должина од 98 километри ќе имаме 372 километри до крајот на годинава“, рече Реџепи.
Потсети дека веќе е изработен проектот за продолжување на гасоводот од Гостивар до Кичево, а во фаза на изработка се деловите од Кичево до Охрид и од Охрид до Битола со што целосно ќе се затвори гасоводниот прстен и ќе се обезбеди стабилност на системот. Наскоро, како што рече, треба да се гради интерконекторот со Грција што ќе обезбеди енергетска независност, а во план се изградба и на интерконектори со Косово и Србија со што преку земјава ќе се транзитира гас што, пак, ќе придонесе за намалување на цената на гасот.
Генералниот директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани посочи дека компанијата е подготвена да одговори на барањата во зелената стратегија.
“Генерално сме насочени кон одржување, реконструкција и ревитализација на постојните далекуводи, изградба на нови далекуводи и воведување на смарт технологија. Секоја година ги следиме состојбите и правиме 10 годишни развојни планови. МЕПСО е подготвен за пенетрацијана ОИЕ и работиме цело време да го исполниме нашите обврски во делот на сигурен и безбеден пренос на електричната енергија“, рече Рамадани.
Веќе, додаде, се детектирани точките каде би имало поголем приклучок од ОИЕ и тоа, како што рече се централно-источниот и централно-западниот дел.
“Во тек се 14 проекти и очекувам во наредниот период да почнеме со други проекти кои би се реализирале во наредните две до три години во вредност од 80 милиони евра. Поголема пенетрација на ОИЕ се очекува во Дуброво-Богданци, делот кај Струмица и од Гостивар до Тетово и Битола“, рече Рамадани.
Ана Чоловиќ Лешоска од НВО ЕКО свест посочи дека институциите сè уште не го гледаат невладиниот сектор како партнер, но додаде дека ситуацијата се подобрува.
“Принципот на партнерство не значи само консултација со граѓанските здруженија, туку значи консултација со сите засегнати страни во процесите како што се бизнис секторот, синдикатите локалните интересни групи, граѓаните кои ќе бидат корисници,… Не би рекла дека во целост се смета граѓанското општество како вистински партнер на институциите, но секако има поместување“, рече Чоловиќ Лешоска.
Институциите, додаде, треба да вложат напори и да разберат дека принципот на партнерство носи придобивки и за нив.
“Среќни сме ако се смета дека граѓанскиот сектор може да придонесе за подобра реализација на зеленото сценарио и сметаме дека без транспарентен процес ќе имаме неодржливи решенија кои нема да бидат од корист на граѓаните. Раните фази од планирањето е клучно за правилна реализација на проектите“, посочи Чоловиќ Лешоска.
Фото: Freepik