За фирма што ќе вработи над 100 луѓе, Србија ќе ги плаќа обврските за 75

40

sr

Српскиот премиер Александар Вучиќ најави дека владата во понеделник, 12 мај, ќе усвои четири економски мерки со кои ќе ја подигне економијата, ќе го зголеми бројот на вработени, ќе ја подобри инвестициската клима и ќе обезбеди подобри услови за купување на станови, пишува белградска Политика.

Првата од овие мерки ќе биде субвенционирање на кредити за ликвидност на стопанството. Банките на приватниот сектор ќе му дадат 1,2 милијарди евра субвенционирани кредити, по најниски можни камати. Државата ќе ги поттикне банките со 60 милиони евра.

Втората мерка ќе биде борбата против сивата економија и масовно вработување. Секоја фирма што има тројца или четворица вработени, ако вработи уште еден, за него ќе плаќа само 30% обврски, остатокот од 70% ќе ги покрие државата. Во случај фирмата да вработи преку 100 работници, државата ќе ги плаќа обврските за 75 нововработени. Мерките ќе траат три години.

Третата економска мерка ќе биде подобрување на деловниот амбиент со измени на законот за приватизација и стечај, како и на законот за труд. Според Вучиќ, со ова креираат најдобар инвестициски, односно потенцијален пакет во овој дел од Европа и сакаат да докажат дека се подобри од условите што ги нудат Бугарија, Романија и Македонија.

Четвртата мерка ќе биде изградба на евтини станови. Кредитната линија за овие станови ќе биде без учество, ќе се отплаќаат на 20 до 30 години, со годишна камата од 3,1% до 3,2%, така што месечната рата за стан од 80 квадрати ќе биде 120 до 130 евра.