Помина уште една година во којашто секторот Осигурување бележи раст, особено во делот што се однесува на животно осигурување каде растот повторно е двоцифрен. Ова, дефинитивно, потврдува дека животното осигурување има добра, но и стабилна иднина, а за тоа има повеќе причини.
Главна причина за ова е зголемување на свеста кај граѓаните од потребата за ваков вид на осигурување. Не дека граѓаните имаат повеќе пари од претходните години, туку тоа се должи пред сè на бенефитите од животното осигурување и производот којшто сам по себе ги содржи. Исто така, голем плус се и договорите со банките за ризико осигурување, што дава гаранција дека корисникот на кредит и во случај да почине додека трае рокот за отплата, кредитот на основ на осигурувањето ќе биде покриен, со што нема да се остават долгови на семејството.
Во периодот од 2007 до 2017 година има континуирано зголемување на расходите на Фондот за пензиско и инвладиско осигурување, како резултат на зголемување на бројот на корисниците на пензија и извршеното усогласување на пензиите.
Податоците на ПИОМ за 2017 година покажуваат дека расходите за исплата на пензиите во 2017 година, изнесувале 51,9 милијарди денари и во споредба со 2007 година се зголемени за 97%, расходите за плати на вработените се зголемени за 0,64%, а другите расходи бележат намалување, додека вкупните расходи во споредба со 2007 година се зголемени за 98,81%.
Од 2006 година, согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, во Фондот започнаа да се реализираат расходи по основ на пренесување средства во приватните пензиски фондови за придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за членовите кои пристапиле во приватните пензиски фондови.
Овие расходи се зголемени од 1,8 милијарди денари во 2007 година на 6,2 милијарди денари во 2017 година или за 333,14%, заради зголемениот број на членови и уплата на заостанати обврски од претходната година.
Пензијата нема да биде доволна за остварување на основните животни потреби
Со остварување на право на старосна пензија, вие ќе го остварите правото и ќе може да ги користите и средствата од вториот столб, односно ќе може да одберете некои од понудените начини на исплата. Доколку не се стекнете со право на старосна пензија поради тоа што немате најмалку 15 години стаж, акумулираните средства од вашата сметка може да ги повлечете наеднаш или во вид на пензија по навршување на 65 години возраст. Ова е смирувачка информација за многу луѓе. Доколку останете без работа, не го губите правото на членство и си останувате член во вториот столб. Вашите средства и понатаму се инвестираат и при повторно вработување, уплатата на придонеси продолжува на истата индивидуална сметка во пензискиот фонд каде и претходно сте биле член. Дополнително, секој по своја желба може да инвестира во третиот пензиски столб или во животно осигурување, којшто на крај ќе биде вистинскиот потег за мирно пензионирање.
Животното осигурување вистински потег за идното време, не чекајте уште денес направете го
Животното осигурување е основна алатка за менаџирање со ризик од финансиски аспект. Негова примарна функција е замена на приходите остварени за време на работниот век. Многупати, животното осигурување служи да се обезбеди финансиска сигурност за членови од семејството во случај на прерана смрт. Бидејќи изгледите за настапување на смрт за време на работниот век се релативно помали, осигурувањето добро одговара за вакви ситуации. Вообичаено луѓето купуваат орочено, но исто така и трајно животно осигурување. Трајното животно осигурување е поинакво затоа што нуди потенцијал за инвестирање во дополнителни средства како дел од покриеноста на осигурувањето. Затоа што ваквите полиси обично траат цел живот, тие може да се искористат како финансиска поддршка во подоцнежните, пензионерски денови. Паричната вредност на полисата може да се подигне без плаќање на данок во времето на подигнување на средствата. Ова им овозможува на пензионерите да имаат пристап до неоданочени парични средства.
Често полисите за животно осигурување можат да послужат за исплата на носителот на осигурувањето пред да настапи смртта на осигуреникот. Кога на некој му е потребна нега и помош од трето лице, сумата од осигурувањето може предвремено да се исплати.
Токму поради сите овие наведени работи, генерациите родени во 70-тите и 80-тите на минатиот век се најмногу на удар. Според одредени аналитичари, можно е пензискиот фонд и да крахира, ако не се направат сериозни реформи. Токму поради тоа, овие генерации, кои се најмногу на удар, веднаш треба да склучат животно осигурување пред се за иднина без финансиски нервози.