За германските компании, кои се заинтересирани за соработка со македонските фирми, важен предуслов за инвестирање и водење на бизнис во Македонија е инфраструктурата.
Претставници од неколку германски компании од вчера се во посета на Македонија со цел да се информираат за условите за инвестирање и идните проекти во државата. На денешната конференција организирана од претставништвото на Стопанската комора на Германија, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, ги запозна со вложувањата што Македонија ги прави во поглед на инфраструктурата.
Заменик-амбасадорот во Германската амбасада, Ханс-Хелге Сандер, изјави дека Македонија е интересна локација за инвестирање и реализација на проекти.
“Со коридорите 8 и 10 и добрата географска положба, државата претставува јазол меѓу многу пазари, земји и пристаништа. Инфраструкурата игра многу голема улога. Германските компании кои инвестираа во Кавадарци и во Битола велат дека инфраструктурата е толку добра на овие локации што без проблеми можат за три часа своето производство од камионот што ќе им дојде до подготвени производи, да го вратат со готови производи”, истакна Сандер.
Зголемувањето на капиталините инвестиции и кредитот од кинеската ЕКСИМ банка за изградба на двете клучни автопатски делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид, Сандер ги оцени како позитивни чекори на македонската Влада.
Како што информираше Јанакиески, во делот на патиштата обезбедени се средства во висина од 637 милиони евра за изградба на делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со што ќе се скрати времето на патување, а во тек е и изградбата на последната делница од Коридорот 10 од Демир Капија до Смоквица. Во моментот се работи и на рехабилитација на дел од Коридорот 10 и кон почетокот на декември ќе биде објавен повик за ангажирање на компанија.
Министерот потенцираше дека во последните години интензивно се инвестира и во железничката инфраструктура и поврзувањето со соседните држави со што ќе се обезбеди поголема брзина на возовите.
“Со завршениот ремонт на делниците Куманово-Табановце и Миравци – Смоквица и отстранувањето на црните точки за еден час е намалено времето за превоз со воз на стока долж Коридорот 10. Претходно беа потребни 4 часа и 15 минути, а сега со двете реконструкции и остранувањето на 28-те црни точки, движењето на возот се скратува за еден час, а со дополнителната реконструкција која се планира од идниот месец движењето ќе се скрати за 30 до 40 минути”, нагласи Јанакиески.
На конференцијата беше искажан интерес од германска страна за директна соработка со македонски компании од областа на логистиката.