За глобалната и домашната економија и куса порака за подобро утре

57

Последната колумна за годинава, очекувано, ја посветувам на 2022 и економските предизвици со кои се соочивме, но и очекувањата за 2023 година, во која сите влегуваме со надеж и оптимизам за подобри денови и просперитет. Изминатите три години му покажаа на светот, на сите нас, дека многу работи ги земавме здраво за готово, на пример слободното движење, евтината енергија и храна. Овој период од поновата историја е добра лекција за сегашните, но и идните генерации. Пандемијата ни покажа колку е кревка природата на одредени економски сектори и колку е важно за бизнисот да научи да се преструктуира и да опстои. Енергетската криза ни покажа колку е важна енергетската независност, вложувањето во производствените капацитети, ориентацијата кон обновливата енергија, но и енергетската ефикасност и рационалното користење на ресурсите со кои располагаме. Глобалната инфлација ни покажа колку е важно да се развие сопственото производство, особено на основните прехрамбени производи и инвестициите во одржливото земјоделство. На површина испловија стратешките приоритети, како што се безбедноста на здравјето, храната и енергијата, а мирот останува  најважното добро на цивилизацискиот развој, кој не треба да се зема за здраво за готово, туку да се чува и негува постојано. Научените лекции се секогаш дел од решението на проблемот, бидејќи првиот чекор е да осознаеш, а вториот да дејствуваш.

Најголем предизвик за глобалната економија е неизвесноста

Во 2022 неекономските фактори продолжија да ја диктираат глобалната економија, од тесните грла во синџирите на снабдување – последица од пандемијата, до војната во Украина и заострувањето на состојбите на енергетскиот пазар. Сите овие фактори придонесоа за година во која глобалниот раст забави, додека инфлацијата ги достигна највисоките нивоа во изминатите неколку децении. Она што е можеби најголем предизвик во целата оваа криза е неизвесноста. Неизвесноста е можеби она што најмногу ги мачи инвеститорите и домаќинствата во носењето на одлуки, а секако е пречка и за меѓународните финансиски институции во пресметката на попрецизни проекции.

Очекувањата за глобалната економија за 2022 година се дека растот нагло ќе забави, споредбено со 2021 година. Меѓународниот монетарен фонд проектираше забавување на растот од 6% во 2021 година на 3,2% во 2022 година. Предизвиците се очекува да продолжат и во 2023 година, со очекуван глобален раст од 2,7%. Ова се најниските очекувања од 2001 година наваму, со ислучок на пандемиската 2020 година. Овие проекции го отсликуваат забавувањето на економијата на САД во првото полугодие, на економијата на ЕУ во второто полугодие, како и новите бранови на ковид-19 во Кина. Околу третина од економиите во светот забележаа негативни економски резултати во два последователни квартала, додека глобалната инфлација значително забрза и се очекува да се удвои во 2022 година, односно да достигне 8,8%.

ЕУ очекува ребалансирање на енергетскиот пазар

Кога станува збор за нашиот најголем трговски партнер, Европската Унија, согласно последните, декемвриски проекции на Европската централна банка за еврозоната, очекувањата за БДП се подобруваат, но затоа попесимистички се очекувањата за инфлацијата. Подобрите очекувања за БДП се должат на остварувањата за време на летните месеци, кои забележуваат високи резултати во услужните сектори. Сепак, енергетската криза, високата инфлација, зголемената неизвесност и глобалното забавување на економијата, како и затегнувањето на условите на финансиските пазари, придонесоа за остро забавување на економската активност во третиот квартал од 2022 година. Довербата на потрошувачите и на инвеститорите се намалува, додека ценовните движења продолжуваат да го подјадуваат доходот и потрошувачката.

Сепак, очекувањата за следните неколку години е дека ќе се случи ребалансирање на енергетскиот пазар, односно преориентирање на нови извори на енергија. Неизвесноста постепено ќе се намалува, додека реалните приходи ќе се зголемуваат, тесните грла во синџирите на добавување ќе се надминат, додека побарувачката ќе расте, што ќе придонесе за очекуваното целосно заздравување на економијата. Пазарот на труд се очекува да остане отпорен во текот на целиот период. Очекувањата се дека БДП во 2022 ќе порасне за 2,4%, ќе успори во 2023 година на 0,5%, додека во 2024 и 2025 ќе се забрза на околу 2%. Споредбено со септемвриските проекции на ЕЦБ ова се пооптимистички проекции. Согласно проекциите за инфлацијата, таа се очекува да се намали од 8,4% на 6,3% во 2023 година, додека во 2025 година би се намалила на 2,3%.

Како мала економија, не бевме имуни

Нашата економија не беше имуна на она што му се случуваше на светот. Како мала и отворена економија поврзана, пред се, со случувањата и движењата во ЕУ, лесно ги апсорбиравме ефектите од случувањата од овие економии и нивните пазари. Иако почетокот на годината започна релативно добро, со раст од 3,2% во првото полугодие, забавувањето на растот се забележа во третиот квартал, со 2% раст. Заклучно тоа, досегашниот економски резултат за нашата економија годинава е 2,7%. Гледано по сектори, тој се должи на позитивните остварувања во услужниот и земјоделскиот сектор. По завршување на пандемијата, силно растат трговијата угостителството и транспортот. Согласно расходната страна, зголемена е домашната потрошувачка, како и бруто-инвестициите.

Очекувањата на Министерството за финансии за целата 2022 година е дека растот ќе изнесува 2,7%, додека догодина ќе забрза на 2,9%, додека во просек за периодот од 2023-2027, согласно основно сценарио, се очекува раст од 4,6%. На среден рок, исполнувајќи ги Планот за забрзан економски раст и Планот за јавни инвестиции, очекуваме дека ќе ги постигнеме посакуваните стапки за забрзан економски раст. Инфлацијата ќе забави догодина, како што впрочем очекуваат сите релевантни меѓународни и домашни финансиски институции, согласно проекциите за стабилизирање на цените на примарните производи, додека на среден рок враќање на историските стапки од околу 2%.

Систем кој ќе испорачува подобри економски резултати

Доколку сумарно во неколку реда треба да објаснам како дејствуваше фискалната политика годинава, ќе посочам дека таа беше насочена кон поддршка на граѓаните и стопанството, но и задржување на макроекономската стабилност. Донесовме пакети антикризни мерки од 750 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството во 2022 година. Истовремено, останавме на определбата за постепена фискална консолидација. Останавме посветени кон креирањето на систем на СМАРТ финансии, систем кој ќе испорачува на среден и долг рок повисоки стапки на економски раст. Спроведени се значајни реформи во јавните финансии, кои се признати во сите извештаи на меѓународните финансиски институции. Делуваме во насока на одржливоста на јавните финансии, односно поставување на темели на здрави практики кои ќе бидат насока и репер за подолг временски период.

Иднината веќе ја живееме утре и секоја нова година е нов почеток. Сумирајќи и евалуирајќи ги активностите со тимот од Министерството за финансии, како една редовна активност, гледам дека долг е патот кој го изодевме зад нас, но имаме уште пред нас. Јас верувам во нас, граѓаните и економијата. Верувам во градењето на подобар систем, систем кој ќе продуцира подобри услови за живот. Верувам во инвестирањето во нашите граѓани,  во младината и нивните капацитети, како и зголемувањето на продуктивноста, а со тоа и конкурентноста на нашата економија. Верувам дека така ќе може да се носиме рамо до рамо со многу други економии кои сега се оценети како поразвиени. Она што е потребно е доследност и организација, за да бидеме поконкуренти и да испорачаме подобро. Верувам дека успешно ќе чекориме до полноправно членство во Европска Унија и отворање на перспективи за подобар стандард и поквалитетен живот за нашите граѓани.

На крајот би сакал да се заблагодарам на сите кои изминатава година работеа напорно, верувајќи во подобар систем, подобри услови и подобар живот за сите нас. Трката пред финишот можеби изгледа најтешка, но тогаш се издвојуваат победниците.

Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими