За храна трошиме 37,8% од приходите

71

Вкупно 37,8% од месечните приходи на жителите на земјава одат на трошоци за храна, покажува истражувањето на руската агенција РИА Рејтинг.

За цигари и алкохолни пијалаци, македонските граѓани одвојуваат 4% од своите приходи, додека за во ресторани и кафулиња “резервираат“ 3,6% од месечните приходи во домот. Според податоците, за култура и рекреација во просек одвојуваме 1,8% од вкупните месечни примања.

Анализата покажува дека Луксембург е земја во којашто жителите за храна одвојуваат само 8,4% од своите приходи. Од друга страна, во Украина жителите трошат 50% од своите приходи на храна.

Меѓу петте земји, коишто трошат најмал процент од своите приходи за храна, освен Луксембург, се и: Холандија (10,6%), Велика Британија (10,6%), Ирска (11,5%) и Финска (11,7%).

На дното на табелата, освен Украина, се најдоа и: Казахстан (47,6%), Молдавија (43,8%), Северна Македонија (37,8%) и Бугарија (36,5%).

Од земјите во регионот, Словенија е 18-та и за храна троши 15,4%, за цигари и алкохол 2,1%, за ресторани и кафулиња 5,1% и за култура и рекреација 5%. Во Грција, пак, којашто е 22-ра, жителите трошат 20,2% на храна, 3,7% на цигари и алкохол, 10,8% на ресторани и кафулиња, а за рекреација и култура одвојуваат 4,7%.

Пред нас, односно на 29-то место е и Хрватска, каде што за храна жителите трошат 28,2% од приходите, за цигари и алкохол 2,9%, исто толку и за кафулиња и ресторани, додека за култура и рекреација отпаѓаат 5,5% од вкупните месечни приходи. Три позиции пред нас е и Србија, чии жители за храна одвојуваат 34,3% од приходите. За цигари и алкохол трошат 4,9% од приходите, за ресторани и кафулиња 3,1% и 5,1% за култура и рекреација.

Фото: Pixabay