За над 63% земјава го зголемила извозот на пченка

193

Во текот на минатата година, земјава извезла пченка во висина од 4.784.000 долари, што е за 63,1% повеќе во однос на 2018 година. Од странство, пак, земјава во 2019 година увезе пченка во вредност од 9.158.000 долари, што е намалување од 27,7% во споредба со една година претходно.

Податоците на World’s top exports покажуваат дека извозот на пченка во светот минатата 2019 година беше на ниво од 34,9 милијарди долари, што е 3% повеќе во споредба со 2018 година. Меѓу најголемите извозници на оваа житарка во светот се: САД (12,9 милијарди долари), Аргентина (4,2 милијарди долари), Бразил (4,1 милијарда долари), Украина (3,5 милијарди долари) и Франција (1,7 милијарди долари). Меѓу 15-те најголеми извозници на пченка во светот се најдоа и: Бугарија (276 милиони долари) и Србија (265,9 милиони долари).

На увоз на пченка лани во светот се потрошени 36,7 милијарди долари, што претставува намалување од 2,2% во споредба со 2018 година.

Најголеми увозници на пченка во светот лани беа: Јапонија (3,5 милијарди долари), Мексико (3,1 милијарда долари), Јужна Кореја (2,4 милијарди долари), Шпанија (две милијарди долари) и Виетнам (1,9 милијарди долари).

Од земјите во регионот, најголем увозник на пченка е Грција со 161,7 милиони долари. Потоа следуваат: Словенија (136,3 милиони долари), Бугарија (50,9 милиони долари), Хрватска (42,5 милиони долари), Босна и Херцеговина (36,3 милиони долари) и Србија (15,7 милиони долари).

Фото: Freepik