За реклами светот годинава ќе потроши 675 милијарди долари

58

Вредноста на рекламирањето до крајот на оваа година би требало да достигне 675 милијарди долари, што е скок за 14% во однос на лани, пренесува хрватски Лидер.

Според официјалните податоци, причина за раст во рекламирањето се лошите резултати од минатата година кога вкупниот пазар забележа пад од 2,5%. Според предвидувањата, веќе следната година ќе има извесна стагнација, па ќе се позиционира на околу 7% раст.

Најголемо влијание за раст на рекламирањето на глобално ниво е растот на глобалниот бруто домашен производ. Откако економските аналитичари во јануари предвидоа дека глобалниот БДП ќе порасне за околу 4%, новите податоци покажуваат дека растот би можел да достигне 6,4% поради подобрите знаци на закрепнување во големите индустрии.

Исто така, раст на рекламирањето има и поради големите спортски настани како што Европското фудбалско првенство и Олимписките игри во Токио.

Најголеми “добитници“ од растот на рекламирањето имаат дигиталните медиуми, коишто бележат скок од 20% на 419 милијарди долари.

Кога се анализира рекламирањето по одделни земји, најголем раст e регистриран во Велика Британија (17%), по што следат Кина (16%) и САД (15%). Рекламните компании во САД, според проценките, ќе заработат вкупно 259 милијарди долари оваа година, што е за 34 милијарди долари повеќе одошто во 2020 година.

Фото: Pexels