За три месеци МЗТ Пумпи прокнижи загуба од 4,9 милиони денари

129

МЗТ Пумпи, во период од први јануари до 31-ви март оваа година, оствари загуба од 4.989.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во првите три месеци од минатата година, компанијата прикажа добивка од 901.000 денари.

“Промената на вредноста на залихите во пресметковен период од деловната година како разлика помеѓу вредноста на залихите на почетокот и на крајот на пресметковниот период, генерира расходна ставка во износ од 5.031.000 денари и Друштвото оствари оперативна загуба во износ од  3.941.000 денари“, стои во Образложението за остварени резултати.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 31-ви март, изнесуваат 29.572.000 денари. Од нив поголемиот дел или 22.607.000 денари се остварени на домашен пазар, а остатокот од 6.965.000 денари е реализиран на пазари во странство.

“Последиците од кризата од Ковид-19, директно влијае на оперативното и производното работење на нашето Друштво како и врз продуктивноста, ликвидноста, наплатата на побарувањата и сл. Доколку дојде до продолжување на кризата Друштвото наидува на размислување и за стратегиски промени во обемот на работа, Во однос на стратегиските промени главно ќе се практикуваат мерките за заштита, прилагодување и подобрување на санитарно техничките услови за работењето, бидејќи доколку би застанал производствениот процес ќе се јави проблем за рестартирање на истиот. Воедно, Друштвото размислува да преземе некои финансиски мерки како што се: рационализација на трошоците на работење, промена или целосно одлагање на планираните инвестиции, репрограмирање на заемите за одржување на ликвидноста, а во однос на човечките ресурси ситуацијата не е променета, освен нормалната флуктуација на кадри и слично“, стои во Образложението на остварените резултати.

Приоритетна дејност на МЗТ Пумпи е производство и монтажа на пумпи, турбини, хидраулична и еколошка опрема и компресори.

Фото: Pixabay