За вработените од Порцеланка 29 милиони денари

31

Седумдесет и двајца некогашни работници на велешка Порцеланка ќе бидат обештетени со околу 29 милиони денари. Средствата ги обезбеди Владата, а обештетувањето ќе оди преку Агенцијата за вработување.
“Обезбедивме 29 милиони денари што на порцеланци ќе им бидат исплатени на 18 и 19 декември годинава. Покрај ова, до пензионирањето или до повторното вработување работниците ќе добиваат паричен надомест секој месец”, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, појасни на кој начин ќе им бидат дадени парите на стечајците.
“Ако лицето цело време било невработено, значи не било никаде работно ангажирано, ќе добие некаде по околу 440.000 денари одеднаш максимална сума и во јануари веќе ќе има право на месечен надоместок од по околу 7.400 денари”, објасни Поповски.
Покрај паричниот надоместок, на работниците на Порцеланка секој месец ќе им бидат исплаќани и средства за здравствено осигурување.