Забрзување на стечајната постапка со новите законски измени

40

F4272D1DAFD5E24EA02B0D05A1384749Со новите измени и дополнувањата на Законот за стечај, што вчера ги промовираше министерот за економија Ваљон Сарачини, се предвидува подобрување на бизнис климата, но и подобрување на условите на пазарот, особено во реалниот сектор и појасно и побезбедно регулирање на правата и обврските помеѓу субјектите на пазарот.

Сарачини посочи дека во новото законско решение се вградени одредби за забрзување на стечајната постапка и зголемување на процентот на намирување на доверителите.

“Освен измените кои се однесуваат на веќе постојни законски решенија, се предлагаат неколку битни измени кои досега не беа вградени во законот, а тоа се реорганизација на должникот пред отворање на стечајната постапка, електронска продажба на стечајната маса, стечајна постапка од мала вредност, нов начин на назначување на стечаен управник“, информираше министерот.

Преку реорганизацијата, на должникот се овозможува поголема гаранција за доверителот во процесот на наплата на своите побарувања, а се дава можност да се постигне договор помеѓу должникот и доверителите за прифаќање на план за реорганизација, пред должникот да влезе во состојба на инсолвентност, со што деловниот потфат би продолжил без да се отвора и води стечајна постапка. Во оваа постапка се определуваат мерки од страна на судот за заштита на средствата и имотот на должникот од присилно извршување, со оглед што по својот карактер стечајната постапка е постапка за колективно намирување, за разлика од постапката за извршување, каде доверителите се намируваат поединечно.

“Се предлага и спроведување на постапка за реорганизација во претходна постапка, чија предност е во тоа што не се отвора стечајна постапка и не настапуваат сите правни последици. Планот го доставува должникот, кој претходно склучил договор со доверителите околу начинот на кој се врши реорганизацијата и околу начинот на намирувањето на побарувањата на доверителите. Во оваа постапка се испитуваат услови за  отворање на стечајната постапка, за да му се овозможи на должникот да може да предложи план за реорганизација, кога фирмата е се уште во финансиска кондиција. Тој план го оценува стечајниот судија, кој може да не го одобри, а се објавува оглас со кој се повикуваат сите доверители да извршат увид во него и да дадат забелешки за кои судијата може да свика рочиште. Рокот во кој се спроведува оваа постапка за реорганизација е 60 дена“, истакна Сарачини.

Другата новина е претворање на имотот во пари или нова електронска продажба, каде се предлага пред да започне продажбата, стечајниот управник во рок од три дена од донесувањето на одлуката за ликвидација на деловниот потфат да објави оглас во најмалку еден дневен весник, а по потреба и во странски весник, со кој ќе ги повика заинтересираните купувачи да достават понуди за намера за купување на имот, кој ќе трае 15 дена.

Се предлага продажбата на имотот во пари по електронски пат со лицитација  без почетна вредност, да трае најдолго 90 дена, да биде објавена во три огласи на еден од предвидените начини, а ако се неуспешни,  во тој случај се пристапува веднаш кон физичка делба на имотот на доверителите. Во случај кога на огласот се јавил купувач кој понудил најповолна цена, се предлага стечајниот управник да го извести стечајниот судија дека електронската продажба била извршена, со тоа што стечајниот судија во рок од три дена носи писмено решение,  со кое констатира дека учесникот на огласот понудил најдобра цена и го задолжува во рок од осум дена да ја усплати постигната цена.

“Постапката од мала вредност е постапка во која не се формира одбор на доверители, туку одлуките ги носи собранието на доверители, стечајниот судија, а ги предлага стечајниот управник, со што се  постигнува пократок рок за постапување и се намалуваат трошоците на постапката. Тоа ќе овозможи поголем процент на намирување на доверителите, а оваа постапка се спроведува во случај кога вредноста на стечајната маса е до 1.000.000 денари”, посочи министерот.

Една од најважните измени во предложениот закон за стечај е во делот на именувањето на стечајните управници, кое се врши според методата на електронско избирање на од листата на пријавените стечајни управници за секој суд кој  постапува по  стечајните предмети, а новоименуваниот стечаен управник или предложениот стечаен управник  мора да биде од листата на стечајни управници на судот кој е надлежен  за водење на стечајните постапки.

Министерот Сарачини потенцира дека во моментов во Република Македонија се водат 254 активни постапки, а во 2013 година има 40 нови отворени постапки. Експертот Дејан Костовски кој долго време ја проучува оваа проблематика истакна дека новите измени на законот ќе придонесат за добивање на поголеми оценки на Република Македонија во Извештајот Doing Bussines, како и во поглед на привлекување на странски инвеститори.