Од април следната година, Агенцијата за катастар на недвижности на својата веб страна воведува нова апликација преку која секој граѓанин ќе може да ги види загадувачите во својата околина, како и степенот на загадување на воздухот во околината во која живее.
Славче Трпески, директорот на Агенцијата, вели дека оваа институција веќе подготвува апликација за загадувањето на воздухот со сите загадувачи, преку која ќе се поврзе со податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Трпески додаде дека со аликацијата ќе се знае точно во кој дел од државата, какво е загадувањето.
“МЖСПП во моментов податоците за загаденоста ги објавува на дневно ниво, односно на секој час ги обновува со табели. На овие податоци ќе биде поставена ортофото картата и на неа ќе бидат ставени сите загадувачи што ќе бидат потенцирани од ресорното министерство. Ќе биде прикажано целото мерење на воздухот, кога е во дозволена рамка во една боја, а кога не е во друга”, рече Трпески.
Директорот најави дека следната година во работењето на Агенцијата се очекуваат драстични промени, како надградба на системот на електронски шалтер. Од први февруари сите нотари, геодетски фирми и општини ќе соработуваат со Катастарот по електронски пат.
Трпески најави и дека во март во Македонија ќе биде издаден и првиот имотен лист од подземниот катастар, а за во мај е планирана масовна проценка на недвижностите со воспоставување на регистар на цени.
До крајот на 2014 година треба целосно да заврши процесот на целосна дигитализација на катастарските парцели.
Според Трпески, 2013 година Катастарот ја завршува со рекорден број примени и решени предмети. Заклучно со 20 декември примени се 1.057.936 предмети, а нерешени се 1.330, што е апсолутен рекорд во историјата на катастарот. Минатата година од 1.027.000 примени предмети нерешени биле 1.957 предмети, а во 2005 година биле примени 386.000 предмети, а нерешени 21.000.
Во тек на 2013 година Катастарот издал 548.089 имотни листови, како и 192.878 копии од катастарски план, историјати, идентификации за катастарски парцели… Се работело на вкупно 166.679 предмети со пријави за промена на податоци во катастарски операт и план, со или без геодетски елаборати. Од нив 75.404 се легализирани згради и помошни објекти, а 799 легализирани базни станици и запишани во катастарот.
Вкупно се запишани 13.542 хипотеки во вредност од 3 милијарди евра, а се избришани 8.316. во 2012 година имало впишување на 11.000 хипотеки, а вредноста изнесувала 5 милијарди евра. Службите на Катастарот работеле и на запишување 3.541 судска забрана и на бришење 530 такви забрани, а извршиле пердбележувања на 1.241 објект во фаза на градба
Од вкупно 81 општина досега Катастарот склучи договор за издавање имотни листови со 63. Според Трпески, што поскоро договор треба да се склучи со уште 20-ина општини бидејќи ги кршат законите за градење и за катастар.