Загуба од над пола милијарда евра за германска Commerzbank

41

Германска Commerzbank во вториот квартал од оваа година прикажа загуба од 527 милиони евра, во однос на добивката од 183 милиони евра во истото тримесечје лани.

Негативниот финансиски резултат е последица од актуелното реструктуирање на банката и отпис на еден аутсорсинг проект, пренесува Ројтерс.

Во настојувањето да “заврти нов лист“ и да се врати на профитабилна работа со новиот главен извршен директор Манфредо Кноф, Commerzbank започна реструктуирање од две милијарди долари што вклучува затворање на неколку стотици експозитури и затворање 10.000 работни места.

“Спроведувањето на оваа стратегија е на добар пат“, рекол Кноф, додавајќи дека банката е спремна да донесе тешки одлуки, “доколку е потребно“.

Аналитичарите проценуваат дека Commerzbank, којашто уште со еден дел е во сопственост на државата по основа на спасувачкиот пакет помош што го доби за време на финансиската криза пред повеќе од една деценија, ќе ја заврши целата 2021-ва година со загуба.

Минатиот месец, банката најави дека ќе се откаже од проектот за пренос на порамнување на хартии од вредност на НЅВС, а тоа ќе резултира со отпис на 200 милиони евра во второто тримесечје од фискалната година.

Приходите на банката во периодот април – јуни оваа година изнесуваат 1,86 милијарди евра, што е пад од 18,1% во однос на минатата година, додека оперативните трошоци се зголемија на 1,7 милијарди евра во однос на 1,53 милијарди евра една година претходно.

Фото: Facebook