Загуби во туризмот во земјава и до 80%

33

До мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туристи и веќе речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Се откажуваат и аранжманите на нашите граѓани кои планирале да патуваат надвор за Велигден. Состојбата е алармантно лоша. Секторот засега книжи загуби од 40 до 80% и стравува од можно затворање на капацитетите. За да не отпушта вработени и за полесно да ја преброди ситуацијата, бара итна помош од Владата, пренесува МИА.

Едно од барањата на хотелиерите, туристичките агенции и превозниците е државата да обезбеди финансиска поддршка, иако сé уште немаат пресметано колку точно таа треба да изнесува.

Тие бараат и шест месеци да бидат ослободени од придонеси и даноци на личен доход, како и да се намали данокот на додадена вредност за храната во угостителските објекти од 18% на 5%.

Според туристичките комори, засега откажувањата на странските посети од сите земји, освен од Турција, се преку 70%, додека 90% се откажувањата на македонските туристи кои планирале да одат надвор во претстојниот период.

“Наеднаш се соочуваме со резултат нула од сé она што го очекувавме и во кое вложувавме. Ситуацијата алармантно се влошува и ќе потрае веројатно до јуни. Сепак, за нас сезоната е веќе загубена. Сфаќаме дека коронавирусот е глобален проблем, но сите држави преземаат мерки за да ги задржат луѓето во туристичкиот сектор на работа. Всушност, нам тоа сега ни е и најголем проблем. Паниката го прави своето, но не смееме да дозволиме компаниите да банкротираат“, истакна Влатко Сулев од Националната асоцијација за инкаминг туризам.

Според Даниела Василевска од Стопанската комора на Македонија, неопходно е неодложно делување и поддршка од страна на Владата и надлежните институции за да не дојде до рапидно намалување на вработените во туристичкиот сектор.

“Бараме итно да бидат преземени следните мерки: ослободување од придонеси и даноци на личен доход шест месеци, намалување на ДДВ од 18 на пет отсто, формирање фонд за ублажување на штетите од КОВИД-19, упатства од Министерството за економија за реагирање при конфликти меѓу клиенти, добавувачи и туристички компании, измена на програмата на Агенцијата за туризам со цел адекватен одговор на новонастанатата ситуација измени на правилникот на ЗАМП, прифаќање на предлогот за измени на Законот за туристичка дејност во делот за осигурување, воведување ваучери за планинските центри за најзасегнатите категории граѓани со важност до први јуни 2020, како и одржување конференции семинари, симпозиуми дома, наместо во странство“, истакна Василевска.

Владимир Граматиков од Комората за туризам при Сојузот на стопански комори, дополни дека овие мерки се многу благи и не се за обесштетување на туристичките комори, туку за нивно полесно справување со ситуацијата.

“Апелираме и македонските туристи во претстојниот период да се насочат кон домашните дестинации и сместувачки капацитети со што би му помогнале на секторот,“ рече Граматиков.

И хотелиерите укажаа на негативните последици. Се пожалија дека странските тур-оператори бараат намалување на букираните сместувања и одложено плаќање.

“За велигденските празници ќе има гости, но главно од регионот. Ситуацијата внимателно ќе се следи и ќе се реагира веднаш ако за тоа има потреба“, рече Асим Меџедовиќ од ХОТАМ.

Туристичките комори информираа дека нивните членки (агенциите) не реализирале ниту едно патување во Италија изминатиов период, но и дека не ги откажале осмомартовските патувања во други земји како Германија, Франција, Полска, Чешка,…

Официјалната статистика за бројот на туристи и ноќевања во земјава се очекуваат наредните денови. Тогаш и точно ќе се знае колкави се разликите од претходната година, беше речено на прес-конференцијата.

Во туристичкиот сектор моментално директно се вработени 20.000 лица, а индиректно преку 100.000. Мерките што беа презентирани денеска, се веќе доставени до Министерството за економија. Коморите очекуваат позитивен одговор.

Фото: Pixabay