Законски измени за поддршка на даночните обврзници да ја зголемат ликвидноста

39

На седницата на Влада е утврден Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, којшто има за цел да ги уреди законските решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот КОВИД-19 и зголемување на нивната ликвидност.

Предлог законот ги содржи следниве решенија:

Ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година за обврзниците кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот  КОВИД-19;

– Доуредување на непризнаените расходи за даночни цели, односно пропишување на одредби согласно кои премиите за доброволно здравствено осигурување (дополнително и приватно здравствено осигурување) на вработените лица, платените лабораториски тестови за КОВИД-19;

Подолг период на пренесување на загубата за обврзниците кои во текот на 2020 и 2021 година ќе остварат загуба од работењето;

Зголемување на прагот согласно кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка за 2020 година ќе бидат ослободени од плаќање на данок на вкупен приход;

– Зголемување на прагот согласно кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход  во 2020 година, ќе имаат можност да се определат дали ќе плаќаат данок на вкупен приход или данок на добивка;

– Укинување на условот за претходно покривање на загубата согласно Законот за трговски друштва, за да обврзникот има право да ја пренесе загубата во идните даночни периоди и

– Доуредување на бројот на спортски субјекти на кои даночните обврзници може да им донираат финансиски средства и да го користат правото на намалување на пресметаниот данок на добивка.

Во насока на имплементирање на донесените мерки од Пакетот 4 на Владата за справување со последиците од кризата со КОВИД-19, утврден e и предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, којшто предвидува ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година, со што ќе се придонесе за подобрување на ликвидноста на обврзниците на данокот на личен доход по основ на остварен доход од самостојна дејност и полесно справување со последиците од ширењето на коронавирусот КОВИД-19.

Дополнително, со овој Предлог-закон е опфатен и предлогот на стопанските комори за ослободување од оданочување на уплатенaта премиja за дополнително приватно здравствено осигурување; за платените тестови за КОВИД-19 и за трошоците за доквалификација и обуки на вработените од кои се очекува да придонесат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на работата на вработените лица.

На оваа седница е усвоен уште еден Предлог-закон со кој се обезбедува мерката за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, по скратена постапка.

Со овој Предлог-закон се уредува начинот на распределување на финансиската поддршка на корисниците на истата преку постоечка трансакциска сметка или новоотворена трансакциска сметка во банка, како и активностите на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во врска со доделувањето на финансиската поддршка на таргетираните групи на граѓани. Дополнително, овој член ја уредува и постапката за доставување и решавање на приговори поднесени од страна на физички лица кои не добиле финансиска поддршка, а согласно условите во Законот се квалификувани за добивање на истата.

На седницата е утврден и предлогот на Закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВИД- 19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија со кој се утврдува постапката и процедурата на доделување на финансиски средства за намалување на последиците од КОВИД -19 за производителите на грозје и во винскиот сектор, како дел од анти-кризните мерки од Пакетот 4 на Владата.

Фото: Pexels