Закројување на лозјата во Тиквеш – почеток на новиот циклус за производство на врвни вина

23

Tikves_zakrojuvanje_FOTO 2

Со желби за квалитетен род и бериќетна винска година, вчера започна закројувањето на лозовите насади на винарската визба Тиквеш на локалитетот Лепово, коешто традиционално се одржува во чест на Свети Трифун – заштитникот на лозарите и винарите.

Чинот на закројување на лозите беше извршен според сите обичаи, од страна на генералниот директор на Тиквеш Игор Илиевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, во присуство на голем број партнери, соработници и пријатели.

“Овој празник е многу повеќе од традиција. Тој е симбол на надежта на лозарите и винарите дека и оваа година ќе имаме добри услови коишто ќе ни овозможат да произведеме врвни вина коишто ќе го освојуваат светот и со кои сите ние ќе се гордееме“, изјави генералниот директор на Тиквеш, Игор Илиевски, честитајќи им го големиот празник на сите лозари и винари, како и на љубителите на виното.

Тиквеш во континуитет посветува големо внимание и вложува обемни средства во развојот на сопствени лозови насади, како и во соработката со лозарите и нивна едукација за примена на најсовремени агротехнички методи за одгледување на грозјето заради натамошно унапредување на квалитетот и производство на врвно вино.