
Јапонскиот заменик-министер за финансии Кенџи Канда поднесе оставка во понеделникот, откако беше објавено дека неговата компанија не платила даноци.
Кенџи Канда, член на долниот дом на парламентот на владејачката Либерално-демократска партија, призна дека властите го заплениле земјиштето и имотот на неговата компанија во четири наврати од 2013 до 2022 година поради неплаќање даноци на имот, пишува Никеи.
Владата ја прифати неговата оставка, која претходно истиот ден му ја понуди на министерот за финансии Шуничи Сузуки. Опозициските партии го критикуваа Канда затоа што бил задолжен за даноците во Министерството за финансии.
Неговата оставка следи по заминувањето на двајца други членови на владата откако премиерот Фумио Кишида го реконструираше својот кабинет во септември. Таро Јамада поднесе оставка од функцијата заменик-министер за образование откако беше откриена неговата вонбрачна афера, додека Мити Какизава поднесе оставка како заменик министер за правда поради наводно прекршување на изборниот закон.
Владата најави нови економски мерки претходно овој месец, со цел да се дадат даночни олеснувања за да им се помогне на домаќинствата кои се борат со инфлацијата, но тоа не го подобри рејтингот на владата. Рејтингот на поддршка за кабинетот на Кишида падна на 28,3 отсто, покажуваат најновите истражувања.