Започна кампањата Мрдни со прст

25

Викендов со интересен флеш-моб и граѓанска акција во Скопје започна големата кампања за подигнување на јавната свест Мрдни со прст.

Повеќе од стотина граѓани учествуваа во големиот флеш-моб во паркот со авион во Аеродром и формираа еден од заштитните знаци на кампањата: дланка со подигнат палец во форма на „лајк“. По флеш-мобот, како прва официјална акција во рамките на кампањата, граѓаните заедно со Сојузот на извидници на Република Македонија и Извиднички одред Браќа Миладиновци од Скопје направија акција за чистење на сметот од околината на паркот.

Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.

Кампањата Мрдни со прст вклучува низа активности во наредниве неколку месеци и испраќа порака која ги охрабрува и поттикнува граѓаните да размислат за нивната лична одговорност и интерес во решавањето на општествените прашања кои најмногу ги засегаат.

Во рамките на кампањата во наредниве неколку месеци ќе се организираат многубројни акции во соработка со Националниот Младински Совет на Македонија (НМСМ) низ целата земја, како на пример акции за чистење на сметот во населбите, собирање и донации на храна и облека за оние на кои најмногу им треба, урбана едукација преку разни уметнички и културни содржини и перформанси и др.

Од вчера е активна и веб платформата www.mrdnisoprst.mk на која граѓаните ќе можат да ги следат сите активности на кампањата и граѓанските иницијативи кои кампањата ќе ги промовира. Платформата им дава можност на граѓаните да пријават проблеми во нивните заедници, да предложат можни решенија, но и да се придружат на веќе постоечки граѓански акции. На веб платформата има и бројач на прсти кој ќе ги брои сите прсти кои „мрдаат“ и тоа од социјалните медиуми, па се до реалните активности на терен.

Следете ја кампањата на Фејсбук, Твитер и Инстаграм и продолжете да мрдате, затоа што е потребно малку, за да придонесеме многу:

www.facebook.com/mrdnisoprst

www.twitter.com/mrdnisoprst

www.instagram.com/mrdnisoprst