Започна проектот Сите сити – нов систем за донирање на вишокот храна

36

Според податоците на Државниот завод за статистика 453 илјади луѓе во земјава живеат во сиромаштија, и не можат да си ги дозволат сите оброци на ден, со месечни приходи помалку од 6.500 денари. Семејствата со три и повеќе деца се во поголем ризик. Според податоците, во 2016 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесувала 21,9 отсто. Од друга страна илјадници тони на безбедна храна се фрла на депониите.

За да се надмине овој проблем граѓанската организација Ајде Македонија со поддршка на Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и агенцијата за маркетинг комуникации Publicis One вчера го промовираа новиот проект Сите Сити кој во изминатиот период ги создаде основите за воспоставување на првиот систем за донирање на вишокот храна во Македонија.

“Станува збор за проект којшто има за цел вишокот храна, кој сè уште е во добра состојба и безбеден за употреба, да не заврши во депониите туку да се пренамени онаму каде е реално неопходен. Ова беше навистина комплексен проект, но свесни сме од колкаво значење може да биде во иднина за сите нас, па од таму и насловот на проектот Сите сити или пак Сите си Ти каде покрај примарната цел храната да стигне до поединците и семејствата кои не можат да си дозволат повеќе обрoци во текот на денот, исто така се грижиме и сметаме дека е многу важно да ја подигнеме и свеста кај луѓето за важноста за правилно третирање на вишокот храна. За големината на општествената промена зборува фактот што само во подготвителниот период повеќе од 1 тон храна се донираше на повеќе од 3.300 граѓани.“, изјави Блаже Јосифовски, Претседател на Асоцијацијата Ајде Македонија.

Системот се состои од законски промени, мрежа за дистрибуција и транспорт, кампања за подигнување на свеста, подигнување на капацитетите на членките на системот и воспоставување на веб-платформа за размена на храната.

“Дистрибуцијата на храна е индиректна, односно храната од бизнисите преку 14 граѓански организации ќе завршува кај 13.000 социјално загрозени граѓани кои се корисници на нивните услуги. Системот ќе пилотира оваа година на подрачјето на Скопје, но планот е од наредната година да се прошири низ цела Македонија“, вели Јосифовски.

Главните извори од каде ќе се собира вишокот на храна и ќе се пренамени се производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти, пекари и др. Компаниите коишто веќе се вклучија се: Нелт СТ, Рудине, Виталиа, Јоми Фуд, Пекара ПерекЕ и други.

На настанот се потпиша и Меморандум за соработка меѓу 14 граѓански организации и 5 бизнис претставници кои заедно влегуваат во системот за донирање на храна.

На крајот на конференцијата за печат Јосифовски повика:

“Ова е само почеток. Се радуваме на сите нови компании кои се занимаваат со производство и дистрибуција на храна коишто ќе покажат интерес и добра волја да ни се приклучуваат во овој голем подвиг наречен Сите сити. Ова е воедно и повик сите бизниси да се вклучат во спасувањето и донирање на храна за социјално загрозените граѓани.“