Започна производството на првиот соларно-електричен автомобил

116

Холандската компанија „Lightyear“, која ги помина последните шест години развивајќи технологии за првото електрично возило во светот на соларна енергија, сега влезе во нова фаза на развој. Првиот модел, „Lightyear 0“, влезе во производство.

Напредокот во технологијата на батерии доведе до значително намалување на времето на полнење во текот на изминатите неколку години. Основачот и извршен директор на компанијата, Лекс Хофслот, сепак, верува дека брзата транзиција кон електрични возила ќе резултира со голем број автомобили кои бараат пристап до инфраструктурата за полнење што нема да се зголеми во согласност со растот на побарувачката.

Автомобилите на „Lightyear“ на соларна енергија, сепак, нема да бидат толку зависни од инфраструктурата.

„Lightyear 0“ доаѓа со кабел за полнење, но има и автономија која се зголемува благодарение на сончевата енергија.

Батеријата на автомобилот е 60 kWh, што ветува автономија од 463 км со едно полнење. Во комбинација со соларното полнење, што е овозможено со два заоблени панели на каросеријата на возилото, „Lightyear 0“ може да достигне 695 километри, велат од холандската компанија.

Врз основа на просечно дневно (градско) возење од 35 км, може да поминат цели два месеци пред „Lightyear 0“ да треба повторно да се полни преку кабел.

„Lightyear“ соработува со финската компанија „Valmet Automotive“ за производство на возила. „Valmet“ има повеќе од една деценија искуство во производство на електрични возила, а неговите претходни соработки вклучуваат големи имиња од автомобилската индустрија, како „Mercedes Benz“, „Porsche“ и „Saab“.

За почеток, фабриката ќе произведува еден автомобил неделно и има за цел да го зголеми производството до првиот квартал на 2023 година.

„Lightyear“ моментално работи на втор модел, кој се очекува да бара уште помал пристап до електрични полначи и да биде поевтин за џебовите на оние кои сакаат да го купат.