Започна со градба новата ЕКО населба Александрија

317

sl

На простор од 150.000 м2, со вкупна изградена површина од 500.000 м2 во општина Ѓорче Петров, веднаш наспроти Порта Влае и новиот кружен тек, денеска започна со изградба населбата Александрија, која е првата ЕКО населба во Скопје.

На поставувањето на камен темелникот на новата населба присуствуваа голем број на гости.

Проект менаџерот на новиот проект г. Александар Стефанов изјави дека новата населба ќе претатвува прва од ваков тип кај нас и ќе ги задоволи сите еколошки стандарди.

“Ми претставува вистинска чест и задоволство што денеска заедно со вас започнуваме една нова етапа во нашето работење, а тоа е започнувањето на изградбата на првата ЕКО населба во Скопје – Александрија. Ние како фабрика во овој проект се вклучивме со сопствени финансии и ресурси за да ја изградиме оваа населба чиј камен темелник го поставуваме денес. Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до Градежниот Институт на Македонија кој активно учевствуваше во изработка на проектот на населбата, како и на цела техничка документација. Во врска со овој проект можам да ви кажам дека околу 20.000 семејства ќе имаат можност да живеат во исклучително стабилни градби кои ќе имаат и своја зелена површина на кровните површини, како и на дел од терасите и останатите заеднички простории во рамките на населбата”, изјави Александар Стефанов, проект менаџер на Александрија и член на управниот одбор на Фабрика Карпош.

На поставувањето на камен темелникот на населбата Александрија свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, г. Сокол Митревски. На денешниот настан беше избран и кумот на населбата, Сашо Ендровски, на кој сопственикот на Фабрика Карпош и претсетдател на Надзорниот одбор на фабриката г. Кире Стефанов му го додели клучот од гарсониерата. Кумот беше избран по пат на извлекување, бидејќи името Александрија го дадоа повеќе од 30 учесници.

Лоцирана на 5 километри од центарот на Скопје, населбата Александрија е поврзана со постоечки и новопредвиден булевар и на само 150 метри од кружниот тек кај Порта Влае. Овој простор има постоечка здравствена, трговска и социјална инфраструктура. Исто така во населбата ќе има и голем број на игралишта, трговски центар, деловни објекти, бензиски пумпи, градинка, и многу други содржини.

Првите станбени комплекси се предвидени да бидат вселиви до јули 2017 година.