Започнување на конверзација

76

konverzacija

Фото: Pixabay

Колку пати сте биле на конференции или настани за вмрежување и сте сакале да започнете разговор со некого, но од кои било причини ви било непријатно? Се борите со тоа да го започнете разговорот, но како!? И додека ви дојде идејата како да го започнете разговорот, личноста со која сакате да разговарате си заминала…

Овие работи се случуваат секому и немојте да се грижите дека само вам ви се случува, но потребно е секако малку да поработите на себеси. Започнувањето на разговор со непозната личност е нешто што бара внимателен пристап, затоа што немате втора шанса за прв впечаток.
Доколку не знаете како да започнете конверзација со некого, еве ви неколку совети како да го направите тоа во кое било време и со кого било:

  • Дајте некоја пријатна забелешка – каде и да се наоѓате, секогаш за нешто можете да дадете позитивна и убава забелешка. Тоа може да биде убава увертира во започнувањето на конверзацијата. За да бидете посигурни, најдобро е да дадете забелешка за местото или настанот на каде што се наоѓате.
  • Прашајте за информација– и да го знаете одговорот на прашањето што го поставувате, сепак таа информација може да ви биде добар почеток за конверзација.
  • Побарајте помош– замолете да ви помогнат. Помошта што ќе ја побарате гледајте да не биде нешто што бара голем напор од соговорникот.
  • Понудете помош– ова ви е уште една шанса да започнете со конверзација со непозната личност, доколку и е навистина потребна помош. Но, ако веќе нудите ваша помош, гледајте да бидете исполнителни во тоа.
  • Побарајте мислење– голем број луѓе сакаат да знаат дека нивното мислење некому му е од значење. Секако, ова искористете го доколку навистина нивното мислење ви е од важност. Верувајте дека со задоволство ќе ви одговорат.
  • Убави зборови за работата– ако навистина го мислите тоа, споделете убави зборови за работата на личноста со која сакате да започнете конверзација. Секој сака да слушне убаво за тоа што го работи, за некоја завршена задача, за некој блог, текст или слично.
  • Претставете се– наједноставно за започнување на конверзација. Намерно го оставив последно, затоа што многу ретко го користиме, затоа што ни е најчесто незгодно да го користиме. А верувајте дека е наједноставно. Сигурен сум дека на вашиот соговорник ќе му биде драго да започне конверзација со вас.

Ова се само неколку совети, но најважно е да бидете пријатни во разговорот. Никако немојте да бидете негативни, нервозни или намуртени. Никој не сака да зборува со такви луѓе. Дополнително на ова, избегнувајте на почетокот политички или религиозни теми, затоа што со нив сте на „лизгав“ терен и може да ви отиде разговорот во погрешна насока.
Верувајте, лесно е и опуштете се.

Со успех во промените.