Запуштените железнички пруги во Италија ќе станат велосипедски патеки

47

prugiСтарите железнички пруги кои не се користени најмалку десет години, ќе станат велосипедски патеки. Италијанскиот регион Пиемонте одлучи да започне иновативен и единствен туристички проект, прв од таков вид во Италија, а можеби е меѓу првите и во светот.

“Работиме на овој експериментален проект веќе неколку месеци. Во моментот преговараме со италијански железници за добивање на право на бесплатно користење на пругите. Според нашите сознанија, технологијата што ќе се применува во овој проект никогаш до сега не е користена во Италија”, изјави регионалниот комесар за туризам, Алберто Чирио, пренесуваат италијанските медиуми.

Проектот предвидува користење на посебни плочи од гума кои ќе бидат положени во полна ширина на пругите, со кои практично ќе бидат “поплочени”. Според Чирио, оваа технологија има низа предности, како на пример евтино се поставува, не влијае врз околината и во случај да треба повторно да се користат железничките пруги, гумените плочи можат едноставно да се отстранат.

Регионалниот совет веќе го одобри проектот, а доколку се добијат сите потребни одобренија, пренамената на пругите во велосипедски патеки ќе започне уште оваа година.