Најголемиот светски продавач на облека, шпанската компанија Индитекс, соопшти дека во првата половина на 2012 година остварила раст на профитот, благодарение на ширење на модниот синџир Зара низ Азија и Јужна и Северна Америка.
Нето профитот на компанијата за првите шест месеци е зголемен за 32% во однос на истиот период минатата година, на 944 милиони евра. Во соопштението на групацијата се наведува дека има „строга контрола“ над своите оперативни трошоци, наспроти растот на продажбата од 17%, на 7,2 милијарди евра.
Индитекс истакнува дека во првата половина на годината отворил 166 продавници, меѓу кои Зара, Пул енд Бер, Страдивариус, Бершка, Ојшо и Масимо Дути. Во погодената од рецесија Шпанија, Индитекс остварува 22% од својата продажба, за разлика од минатогодишните 26%.
Првата продавница Зара е отворена во 1975 година во Коруња во северозападна Шпанија, каде се наоѓа нејзиното седиште. Компанијата вработува повеќе од 109.000 луѓе низ целиот свет.