Засадени нови 150 рози во Паркот на лајонизмот

42

_dsc0090

Нови 150 рози беа засадени во Паркот на лајонизмот во Македонија по повод 18-тиот роденден на Лајонс клуб Вардар, стои во соопштението.

Традиционално, членовите на овој клуб, трета година по ред, на празникот Цветници садат рози во дворот на кампусот факултети (Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Технолошко -Металуршкиот факултет), каде е лоциран Паркот на Лајонизмот, во којшто досега се засадени околу 500 рози.

Во акцијата на садење рози учествуваа членови на целата Лајонс заедница од Дистрикт 132 – Македонија, кои засадија црвени, бели и жолти рози. Исто така, почна и уредувањето на просторот со бекатон патека и клупи со маса за одмор на студентите од кампусот. Со ова, според првиот човек на Лајонси во Македонија, гувернерот Слободан Вуќикевиќ, се негуваат традицијата, убавината и грижата за иднината.

На овој настан беше презентирана веќе познатата Цветна патека на мирот на уметникот Живко Поповски – Цветин, а беше прочитана и поезија од поетесата Анита Бошкова. Акцијата на садење рози ја поддржа и учествуваше и деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски.

Значајно за вчерашниот ден е и тоа што, пред 20 години, во Македонија е основан првиот Лајонс клуб во земјава. Со оваа активност на садење рози се одбележува и 100 годишнината на Лајонизамот во светот, 20 години во Македонија, 10 години самостоен Дистрикт 132 Македонија и 18 години од постоењето на Лајонс клубот Вардар.