Заштеди за компаниите со мониторинг на потрошувачката на струја

21

naslovna5 Со воведување системи за мониторинг и управување на потрошувачката на електрична енергија, осум домашни компаниите очекуваат да постигнат заштеди и да ја подобрат конкурентноста. Вградувањето на системите се одвива преку проектот за индустриски менаџмент на УСАИД, од каде покриваат 50% од трошоците, со износ до 20.000 долари по компанија. Предвидена е поддршка на 17 компании.
“Oвие системи ќе им помогнат на компаниите да можат подoбро да планираат, да балансираат и да имаат увид во реално време на потрошувачката на електрична енергија и на тој начин позитивно и профитабилно да ги решаваат состојбите, како и да склучат поповолни договори за набавка на електрична енергија од трговците или снабдувачите. Тоа се однесува за тие што се веќе на слободниот пазар на електрична енергија и за сите останати што од 1 јануари 2015 ќе станат дел од слободниот пазар”, рече денеска Драган Блажев, директор на проектот.
Од Здравје Радово, компанија во која преку проектот се вградува системот, велат дека главна цел им е зголемување на конкурентноста.
“Во реално време ќе бидеме во можност да гледаме што се случува во секој од производствените погони од аспект на потрошувачката на електрична енергија, што е неопходен предуслов да можеме да размислуваме за заштеди. Системот ќе ни биде неопходен и од аспект на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Како балансно одговорна страна сами треба да нарачуваме електрична енергија за нашите потреби, кои нема да ги знаеме ако немаме ваква алатка на располагање”, појасни Данчо Видов.
Преку проектот за индустриски менаџмент се организираат и работилници со објаснувања за начелата и принципите на меѓународниот стандард ИСО 50001, од аспект на подбрување на управувањето со потрошувачката на енергија. УСАИД, во соработка со УНИТО, организација за индустриски развој на ОН, досега обучиле над 30 компании.
“Ќе продолжиме со овие активности, кои придонесуваат да се зголеми свеста од потребата од конкретни мерки од аспект на подбрување на енергетската ефиканост во компаниите и на тој начин да придонесеме за поефикасно и попрофитабилно работење на компаниите особено оние што се насочени не само на домашниот, туку и на странскиот пазар каде се соочуваат со конкуренциј со компании кои имаат воведено вакви системи и им помагаат да ги намалат трошоците за струја, како дел од вкупните трошоци”, најави Блажев.
Целта, според него, е проектот да биде мотив и останатите индустриски компании да се заложат за намалување на потрошувачката на енергија, што за нив значи намалување на трошоците на работењето, помала цена на производите и поголема конкурентност на пазарот.