Засилена соработката за поголема заштита на правата на работниците и граѓаните

34

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, денеска одржаа координативен состанок со директорите на трудовиот и транспортниот инспекторат Алајдин Хавзиу и Руфат Хусеини, претседателката на Советот на инспектори Магдалена Филиповска Грашкоска и со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, Гласен текстилец, Хелсиншки комитет, ХЕРА, ФООМ, Платформата за борба против сиромаштија, Мрежата против насилство врз жените и УНДП.

На состанокот преку апликацијата Zoom се дискутираше за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите и можностите за користење на државна помош во случај на губење на работа. Исто така, беше најавена зголемена директна соработка помеѓу граѓанските организации и инспекторатите во пријавувањето на случаи на прекршување на работничките и граѓанските права.

Вицепремиерката Царовска истакна дека Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и бизнисот, односно никој да не е губитник во оваа криза.

Царовска ги повика инспекторите на засилени контроли и одговорно постапување за сите претставки коишто стигнуваат до нив, а се однесуваат на кршење на Владините мерки и препораки кои изминатиот период беа донесени со цел да се заштити населението од ширењето на корона вирусот.

Координацијата помеѓу инспекторатите, граѓанските организации и Владата ќе продолжи и во наредниот период, се со цел да се обезбедат две основни функции, заштита на правата на граѓаните и целосно почитување на донесените владини одлуки.