Засилени контроли за исплата на К15

26

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К15 на вработените. Надзорот којшто започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли, стои во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон.

Државниот инспекторат за труд е орган којшто е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор, ќе се проверува исплатата на регресот за годишен одмор (К15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

Истовремено, од МТСП ги повикуваат работниците неисплатата на К15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131.