Затворање на Макстил и Југохром се додека не ги исполнат еколошките стандарди

27

makstil

Доколку компанијата Југохром до 31 октомври, кога е крајниот рок за исполнување на условите за добивање А интегрирана дозвола, сама не го затвори капацитетот, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе постапува согласно Законот за животна средина, информира денеска на прес-конференција ресорниот министер Нурхан Изаири, пренесе Миа.

Од големите индустриски капацитети, А интегрирана еколошка дозвола нема добиено ниту Макстил, каде според министерот за животна средина и просторно планирање, не се целосно завршени работите за вградување на филтер. Од нивните кажувања, нагласи Изаири, од 31 овој месец сами ќе затворат додека не се усогласат со законските барања.

“Југохром од хумана гледна точка за вработените, но и за целиот регион би било препорачливо сами да престанат додека не ги исполнат еколошките услови. Доколку не ги исполнат условите, на 31 октомври ќе мора да постапиме согласно законот, за што сме и тука за да ги почитуваме законите и Уставот, а законот вели без дозвола понатаму не може да работи“, рече Изаири.

Покрај индустриските загадувачи, тој нагласи дека голема улога во аерозагадувањето има и возниот парк, односно издувните гасови од автомобилите, начинот на греење на домаќинствата и градежништвото. Според некои анализи, една третина од загадувачите се од индустриско потекло.

“Сите ние сме задолжени да го чуваме воздухот што го дишеме, тоа зависи со какви возила ќе се возиме, колку луѓе ќе се возат во автомобилот, со каков транспорт ќе се возиме, какво греење ќе имаме,… Нашата совест треба да биде на повисоко ниво“, рече Изаири.