Затворен четвртиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој

35

 

fond-za-inovacii-i-tehnoloski-razvoj

На трети овој месец беше затворен четвртиот повик за финансирање проекти под инструментите кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој.

“Беше покажан голем интерес од страна на македонските претпријатија и во дадениот рок беа примени 59 апликации, од кои 31 за првиот инструмент, кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф, а 28 за вториот инструмент, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој. Најмногу од предлог – проектите се во областа на информатички и комуникациски технологии, каде што спаѓаат скоро половина од добиените проекти. Исто така, има апликации во областа на медицината, фитнес, велосипедизам, дизајн, земјоделие, маркетинг, видео продукција, прехранбена индустрија и градежништво“, стои во соопштението.

Сите апликанти, како што се наведува, кои не доставиле целосна документација ќе бидат дополнително известени по електронски пат и ќе треба да ги достават потребните документи во рок од пет дена. Потоа ќе следи процес на евалуација од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции. Покрај иновативноста, критериумите за избор на проектите се и пазарниот потенцијал, капацитетот на менаџерскиот тим, соодветност на предвидените трошоци, како и целокупниот квалитет на проектот.

Се очекува процесот на евалуација и селекција да заврши во последната недела од месец јули 2017, а потоа следствено да се потпишат и договорите за кофинансирање со избраните претпријатија.

За овој повик се обезбедени 1.450.000 евра, наменети за финансирање на микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Македонија, со цел поттикнување на иновативноста кај претпријатија, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст.