Заврши меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција RoboMac 2016

43

4935280b-122a-4c36-a4f9-f8b6020642c8

Заврши седмото издание на меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција RoboMac 2016. На финалниот натпревар, кој се одржа во саботата во Домот на АРМ, беа доделени награди за учесниците во разни категории.

Георги Костов, претставник на студентскиот огранок на Македонската секција на Институт за инженери од електротехника и електроника (IEEE) и главен организатор на настанот, е изненаден од заинтересираноста за финалниот натпревар и многубројната публика во салата каде се одржа финалето.

„Навистина се потрудивме финалната вечер да биде на повисоко ниво во однос на претходните годни и успеавме во тоа. Сакам да се заблагодарам на тимот што го организираше настанот, на Факултетот, спонзорите и поддржувачите, како и на учесниците. Моја желба е следниот RoboMac да стане уште препознатлив бренд на глобално ниво“, вели Костов.

Милош Вујадиновиќ, студент на Електротехничкиот факултет во Белград, Србија, вели дека ова е сериозно искуство со роботиката и системите за управување во реално време.

„Бидејќи немам практично искуство со роботика и системи за управување во реално време, мислев дека ќе биде многу тешко. Но, видов дека сето ова е само надградба на она што теоретски сум го совладал. На мојот факултет нема услови за организирање на ваков настан за практичен допир со роботиката. Тука научив дека има голема разлика во теоријата и равенките напишани на табла од практичниот начин на работа“, објаснува Вујадиновиќ.

Овој студент планира да преземе иницијатива за организирање на ваков настан во Србија и секако, да учествува на следниот меѓународен натпревар RoboMac.

Победниците во една од најтешките новововедени категории, насловена како Sphero, веруваат дека овој успех ќе им отвори нови врати и ќе го зголеми интересот во областа во која се натпреварувале.

„Секако, освен победата, натпреварот го завршуваме со многу знаења и незаменливо искуство. Предизвик е нешто што сте учеле теоретски, практично да го имплементирате. Сепак, сите ние, на некој начин, сме победници“, рекоа од тимот на Sphero за завршување на натпреварот.

На седмиот натпревар за роботика и вештачка интелигенција учествуваа 65 учесници од земјава и 15 од странство. Тие се натпреваруваа во категориите Сумо, Трка, Хуманоид и Вештачка интелигенција, а од годинава и во Генерирање траекторија на топка – робот (sphero) и симулација на квадкоптер. Освен натпреварот, студентите учествуваа на работилници и предавања за роботиката и најновите научни достигнувања. Домаќин на RoboMac 2016 е Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје.