Заврши третиот Македонски Економски Самит

14

samit 1

По осум интерактивни, инспиративни и информативни панел дискусии, вчера заврши тридневниот трет по ред Македонски Економски Самит. На Самитот учествуваа претставници од приватниот сектор, експерти, професионалци од Дијаспората и лидери на глобални индустрии.

По воведот на претседавачот на Самитот и член на Одборот на директори на Македонија 2025, Зоран Мартиновски, првиот панел го отвори Ника Гилаури, поранешен Премиер на Грузија, раководител на Bank of Georgia, Турција и консултант во McKinsey & Company, кој зборуваше за тоа како Грузија стана топ реформатор во регионот на Југоисточна Европа.

s1

“Замислете мала земја во развој без природни ресурси и во многу тешка геополитичка ситуација. Замислете дека таа земја во 2004 немаше економски раст, немаше странски директни инвестиции, според Transparency International Грузија беше една од најкорумпираните земји во светот, само Нигерија и Таџикистан беа зад нас. Според Doing Business бевме 112, без никакви изгледи за раст. Дојде нова влада и моравме да одлучиме што ќе правиме. Одлучивме да спроведеме hub economy концепт – Грузија во регионот да биде лидер во смисол на најмалку корумпирана земја, најбизнис-френдли земја, добри трговски односи со соседите и земјите од опкружувањето и добра инфраструктура. Ова беше нашата визија. Само девет години подоцна, водејќи се по оваа формула, БДП-то на земјата порасна четирикратно, СДИ достигна 10% од БДП од помалку од 1%, на листата на Doing Business скокнавме на осмо место, се намали невработеноста. Ова е трансформација што навистина се случи”, рече Гилаури.

Дека промените се можни, зборуваше и Џим Дан, регионален извршен директор на The Pacific Institute, Велика Британија. Дан истакна дека културата е многу поважна од визијата и стратегијата.

“Можете да имате најјасна и прецизна визија на светот, да имате најдобра стратегија, но ако културата не ги поддржува, ништо нема да се случи. Секоја култура во која лично сум бил инволвиран да ја мерам, секоја од нив била дефанзивна. Затоа статистички 72% од сите иницијативи што започнуваат во компаниите не успеваат уште во првата година. Ова се должи најмногу на дефанзивните култури што не ги поддржуваат, што не поддржуваат иновации.”

s2

На Самитот се дискутираше и за технологии и иновации, нови конкурентни сектори во Македонија, како нашата земја да се трансформира во центар за паметни индустрии, за лидерство што се заснова на вредности и градење на инклузивни општества.

Некои од говорниците беа уште и Соња Шмуц, директор на Асоцијацијата на менаџери во Словенија, Џон Битов, единствен акционер во Obelysk Inc и ко-основач/претседавач на Комитетот за комуникации на Македонија2025, Канада, Филип Нордфелт, основач и извршен директор на Data Talks од Шведска, Томи Т. Ахонен, автор бест-селер за мобилна технологија и медиумска содржина, консултант за стратегии и мотивациски говорник од Хонг Конг, Хери Крејмер, професор по лидерство и менаџмент во Kellogg School of Management, поранешен извршен директор на Baxter, САД…

samit 2

“На самитот присуствуваа повеќе од 250 претставници на домашни и странски компании. Голем дел од нив фаќаа прибелешки од говорите на експертите. Тоа ни покажува дека луѓето се заинтересирани да ги преземат работите во свои раце, да не оставаат сè на веројатностите и секако, да започнат нешто ново во Македонија што ќе биде конкурентно како извозен елемент. Добро е што имаше и конструктивна забелешки за нештата што мораат да се променат во Македонија и добро е што зборувавме за тоа”, изјави ко-основачот на Македонија2025, Мајк Зафировски.