Во сабота, на 12 декември во Телеком иновативниот центар се одржа завршната конференција од едукативниот караван e-Engagement како дел од проектот за промоција на предностите и придобивките од информатичките и комуникациските технологии, а во организација на НВО Младински Сојуз, со поддршка на фондацијата е-Македонија, основана од Македонски Телеком.
Целта на проектот е да ги охрабри младите да ги користат дигиталните алатки во насока на себеусовршување и градење на позитивни промени во општеството преку нивна употреба.
На секоја работилница од едукативниот караван учесници беа стотина млади луѓе, меѓу кои и млади од маргинализирани групи на граѓани, кои се подготвени знаењата и вештините кои ги здобиле на работилницата да ги пренесат во нивната организација или околина.
„Среќни сме што е-Македонија е дел од овој едукативен караван и е сведок на промената што сите сакаме да ја видиме во општеството. Овој проект во кој се поттикнуваат младите да ги применат генерираните знаења, вештини и технолошки придобивки што ќе им помогнат во многу сфери од нивната комуникација, работа и професионална етика, дополнително ќе им обезбеди корисни алатки за личен развој и нови постигнувања. Ги охрабруваме младите да бидат лидери и креатори на иднината, како во граѓанското општество, така и во младинската соработка, креирајќи позитивни социјални промени“, вели Радмила Јончевска, директор на е-Македонија.
„Укажувајќи им ги можностите за он-лајн активирање на младите како и зголемувајќи ги нивните знаења и видици за можностите на новите технологии и дигитални алатки, нашите активности во некои заедници предизвикуваа вистинска онлајн младинска револуција”, изјави Билјана Стојческа, проектен координатор во НВО Младински сојуз.
Во текот на 2015 се организираа 12 еднодневни работилници во 12 градови, а во овие две години постоење, караванот посети вкупно 16 градови низ Македонија, каде активно се ангажираа над 1.500 млади луѓе. На завршната конференција учествуваа 15 предавачи, меѓу кои и Коста Петров, Маја Платнар, Филип Поповски, Јован Димитров, Климентина Илијевски, Ива Дујак, Калина Зографска, Злата Голабоска, Јована Тозија, Моника Ризовска и други, а присутни беа и најмотивираните и најактивните млади, произлегоа и многу корисни заклучоци и препораки за тоа како електронскиот ангажман на младите луѓе може да ги поддржи стратегиите за активно вклучување на младите во сите сфери од општествениот живот.