Зборувајќи на мобилен сме потрошиле 1,4 милијарди минути за три месеци

50

Заклучно со вториот квартал годинава во државава имало 1.777.194 активни претплатници во мобилната телефонија. Од нив 259.463 се деловни постпејд линии, додека кај резиденцијалните 851.325 претплатници се постпејд, а 666.406 припејд. Во однос на првиот квартал годинава бројот на претплатници во мобилната телефонија е намален за 120.214, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), пренесува МИА.

Во вкупниот број активни претплатници телекомуникацискиот оператор А1 Македонија има удел од 51,27%, Македонски телеком од 45,96%, Лајкамобајл од 1,76%, а Роби од 1%.

Македонски телеком со 50,48% има најголем удел во приходи од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во вториот квартал годинава, додека уделот по тој основ на А1 Македонија изнесува 45,11%, на Лајкамобајл 0,59% и на Роби 0,82%.

Во тек на април, мај и јуни годинава преку мрежите на мобилните оператори се остварени 1.452.425.039 минути разговор, од кои кон мрежи во странски држави 2.898.142 минути, а 470.712 минути реализирале претплатници на домашен оператор кои роамирале надвор од државата.

Податоците на АЕК покажуваат и дека заклучно со вториот квартал во државава се регистрирани 1.256.615 претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа.

Во уделот на активни претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа, А1 Македонија учествува со 52,25%, Македонски телеком со 45,3%, Роби со 1,41%, а Лајкамобајл со 1,04%. Во вкупната количина на сообраќај остварен од активните претплатници со пристап до интернет преку мобилна мрежа во второто тримесечје годинава Македонски телеком има удел од 49,48%, А1 Македонија од 48,65%, Роби од 1,37%, а Лајкамобајл од 0,50%.

Во најновата информација на АЕК за состојбата на пазарот на електронски информации е наведено и дека на крајот на јуни годинава во државава имало 403.715 фиксни линии, а во тој квартал биле направени 41.917.822 минути разговор, од кои 767.511 кон мрежи во странски држави. Во однос на првиот квартал  во вториот квартал годинава има зголемување од 1.175 кај бројот на фиксни линии.

Фото: Freepik