Здравје Радово отвора нова фабрика во Битола

572

mlekara zdravje radovo

Млекарницата Здравје Радово до крајот на годината ќе отвори нова фабрика во Битола, пишува Миа.

“Отворањето на новата модерна фабрика во Битола ќе биде можност и за вработување нови лица, како и за зголемување на нашиот производен капацитет кој ни е повеќе од потребен, имајќи предвид дека добивме можност за извоз на големиот руски пазар. Стануваме сериозно извозно ориентирана компанија која домашниот македонски квалитет ќе се обиде да го преслика на странските пазари“, изјави извршниот директор на млекарницата Панделе Панделески.

Според него, овој четврти капацитет на компанијата, ќе работи со комплетно нова технологија и ќе ги исполни највисоките европски стандарди.

Првата млекарница Здравје Радово ја отвори во 2002 година во селото Радово меѓу планините Огражден и Беласица, вториот погон стартуваше во 2004-та по преземањето на ЗИК Куманово, а третиот капацитет во Струмица е од 2011 година. Од почетните осум, бројот на вработени денес е над 340, додека почетниот капацитет на дневната обработка на млеко беше 2.500 литри, а денес е зголемен на над 100.000.

“Од почетокот до денес, Здравје Радово бележи континуиран развој во производната програма, но и во зголемувањето на бројот на вработените. Со постојана работа, асортиманот, кој на почетокот го сочинуваа само десетина производи, денес, вклучувајќи го и новиот јогурт Здравје +, опфаќа преку 60 различни производи“, изјави Панделески.