Земјата што забележа најголем економски раст во последните 11 години

33

Сингапур забележа најсилен економски раст во последните 11 години во вториот квартал од оваа година, компензирајќи го најлошиот економски пад забележан една година порано, поради пандемијата со Ковид-19.

Според прелиминарните проценки на Министерството за трговија и индустрија, оваа економија во Југоисточна Азија порасна за 14,3% во вториот квартал од 2021 година во споредба со истиот период  претходната година.

“Силниот раст главно е резултат на ниската компаративна основа во вториот квартал на 2020 година, кога БДП-то падна за 13,3% поради ограничувачките мерки воведени од седми април до први јуни 2020 година“, се вели во соопштението на Министерството, пренесува CNBC.

Сепак, во споредба со претходниот квартал, економијата на Сингапур се намали за 2%, соопшти Министерството, додавајќи дека нејзиниот БДП во апсолутна смисла во периодот од април до јуни годинава е сè уште за 0,9% понизок отколку во вториот квартал на 2019 година, пред пандемијата.

Според претходните проценки на статистиката, производството на стоки во набљудуваниот квартал се зголеми за 22,2% во споредба со претходната година, но се намали за 2,5% во споредба со првиот квартал.

Индустријата за услуги порасна за 9,8% на годишно ниво, а квартално се лизна за 1%. Клучниот производствен сектор порасна за 18,5% во споредба со вториот квартал од минатата година, додека падна за 1,8% во споредба со претходниот квартал.

Бројот на случаи со Ковид-19 во Сингапур започна повторно да се зголемува оваа година, принудувајќи ја владата да ги заостри мерките на почетокот на мај. Властите започнаа постепено олеснување на ограничувањата минатиот месец, откако беше регистрирано намалување на бројот на инфекции во земјата.

Сингапур има една од највисоките стапки на вакцинација во светот, со повеќе од 70 % од приближно 5,69 милиони луѓе во земјата кои примија барем една доза од вакцината против коронавирусот, а над 41 % се целосно имунизирани, додава CNBC, повикувајќи се на податоци од локално Министерство за здравство.

Фото: Pixabay