Земјава да стане старт – ап хаб на Балканот – порака од првиот национален Стартап самит

62

Иновативните идеи го движат светот напред, а јас сум убеден дека сите заедно ќе направиме уште поуспешен деловен амбиент со посветена трансформација на македонскиот старт – ап еко систем. Заеднички да придонесеме земјава да стане старт – ап хаб на Балканот зашто веруваме дека тоа е вовед во четвртата индустријализација кон која се стремиме, порача премиерот Зоран Заев, отворајќи го првиот национален старт-ап самит што се одржува во Скопје под мотото Заеднички влијаеме.

Заев упати силна поддршка за иновативните идеи на македонската старт – ап заедница и нејзината голема улога во економскиот раст на локално и национално ниво. Воедно им упати честитки на сите претприемачи кои, како што рече, и во услови на пандемија не застануваат, туку ги дигитализираат процесите и имплементираат најсовремени алатки за развој на бизнисите.

“Продолжуваме уште позасилено да ги мотивираме старт – ап компаниите да се развиваат, да освојуваат нови пазари, интернационално да се поврзуваат, да креираат висока додадена вредност и да прераснат во национални брендови. Вашите успешни иновативни приказни се мотив за сите што размислуваат дали да ја преточат својата идеја во бизнис“, истакна Заев.

Премиерот потсети дека само во последните три години преку ФИТР се поддржани 559 компании со кофинансирани проекти и над 76 милиони евра инвестиции што е неспоредливо, потенцира, со периодот пред 2017 година кога беа поддржани само околу 30 компании.

“Имаме многу потенцијал, паметни млади луѓе кои треба да се поддржат, да бидат свои газди и да придонесат за развој на бизнис заедницата и економијата. Претприемачи, сметајте на поддршка од вашата Влада“, подвлече Заев и изрази надеж дека од Самитот ќе произлезат квалитетни заклучоци.

Пред присутните се обратија и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.

Фото: Pixabay